Трансформаторот за третиот блок на РЕК Битола кој се изработува во фабрика во близина на Анкара во Турција е готов, технички е испитан и е подготвен за транспорт, истакна денеска генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
Тој нагласи дека трансформаторот со вкупна тежина од над 240 тони треба да се донесе до термоелектраната со специјален патен транспорт со композиција долга околу 54 метри за што се потребни специјални дозволи од Турција, Грција и од нашата земја.
– Од компанијата која го испорачува трансформаторот имаме информација дека се чека уште да се комплетира и подготви специјалната документација од Грција за да може тргне транспортот. Транспортот ќе трае од 10 до 12 дена и се очекува трансформаторот да пристигне во РЕК Битола околу 15 ноември што е 15 дена повеќе од она што го планиравме, но е согласно со рокот за испорака кој е до 15 ноември – рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на РЕК Осломеј заедно со министерот за економија Крешник Бектеши.
Како што истакна, согласно планот за производство се предвидува од 15 ноември да биде вклучен во работа третиот блок во РЕК Битола, а вториот блок да биде во ремонт во траење од 20 дена.
– Ние тоа ќе го направиме во моментот кога ќе биде пристигнат трансформаторот и ќе биде приклучен на системот со што блокот 3 ќе биде вклучен да испорачува електрична енергија на мрежа, а блокот 2 ќе биде исклучен за да се завршат ремонтните активност за да можат сите три блокови да бидат подготвени за грејната сезона – рече Ковачевски.
Посочи дека ЕСМ со капацитетите кои се сега вклучени во мрежата – блок 2 и блок 1 во РЕК Битола, термоелектраната Осломеј и хидропотенцијалот во целост ги задоволува потребите на ЕВН хоум, на ЕВН дистрибуција и на МЕПСО, како и на договорните органи кон кои испорачува енергија по препорака на Владата, односно здравствените и јавните институции и сите за кои се планира во наредниот период да бидат снабдувани од ЕСМ.
– Во прилог ни одат поволните временски услови заради кои конзумот во овој период од годината е намален за 15 проценти на дневна основа. Во ТЕЦ Неготино се прават ремонтни активности на генераторскиот дел кои треба да завршат до крајот на месецов по што со полн капацитет ќе биде ставен во функција. Со тоа од 1 декември со намалувањето на температурите и со зголемувањето на конзумот веќе ќе ги имаме ставено во функција и блок 3 и ТЕЦ Неготино – прецизира Ковачевски.