РЕК Битола и Хотелот Молика започнуваат постапка за повторно отворање на мензата во РЕК Битола. На денешниот работен состанок договорени се сите неопходни чекори што треба да бидат преземени со цел работниците во РЕК Битола повторно да имаат топол оброк.
– За нас, работниците се најважни. Тие го носат товарот на производството и заслужуваат квалитетни услови за работа. Топлиот оброк се враќа во РЕК Битола, мензата повторно ќе ги отвори вратите за над 2.200 вработени во комбинатот кои секој ден го даваат својот максимум во справувањето со енергетската криза во земјата. Вложуваме во нова механизација, нови автобуси, нов рудник, нова опрема…Инвестираме и во повторно отворање на мензата на задоволство на сите вработени во РЕК Битола – рече директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски.
Хотелот Молика, каде во моментов се подготвува ладниот оброк што го добиваат вработените во РЕК Битола, ќе биде носител на активностите поврзани со повторното отворање на мензата во комбинатот.
– Потребни се скромни инвестиции во инфраструктурата на поранешните мензи во РЕК Битола за да може за кратко време вработените во комбинатот повторно да добиваат топол оброк. Со проектот што го имаме изработено, предвидено е исполнување на сите нутритивни предуслови за квалитетен оброк за работниците, преку имплементација на сите законски стандарди – рече директорот на Хотел Молика, Никола Каровски.
Проектот за повторно отворање на мензата во РЕК Битола предвидува можност за користење на услугите на овој објект и од страна на изведувачите на различни работни активности во комбинатот, особено во време на ремонти.