Речиси 9.000 хектари или површина колку 12.000 фудбалски игралишта пеплосаа пожарите на планината Серта, покажуваат првите неофицијални проценки на Македонски шуми. Станува збор за слаба и деградирана шума, односно грмушки, смреки и даб.
Од страната на Неготино изгорени се околу 5.500 хектари, а од штипската скоро 3.000 хектари. Освен растителниот, настрада и животинскиот свет. Штетите се огромни и ќе бидат потребни децении за повторно се врати животот на планината.
– Во моментот дивеч таму претпоставувам дека нема. Ќе треба да помине малку време за да почне дел од дивечот да се враќа, меѓутоа на него ќе му требат одредени услови за да биде таму. Во моментот дивечот таму нема ниту храна, ниту место каде да се крие. Така што тоа буквално ќе биде пустина – изјави Кире Михаилов, заменик генерален директор на ЈП Македонски шуми.
Во наредниот период ќе се започне со чистење на она што го оставија пламените јазици. На овој начин опожареното подрачје ќе се подготви за втората фаза, а тоа е пошумување со автохтони видови растенија. Но проблемот е голем, бидејќи во расадниците на Македонски шуми, нема доволен број садници коишто се потребни.
– Нашите расидници во изминатите години не работеле со капацитет со којшто требало да работат и имаме недостиг на садници. Така што ќе мора да поработиме максимално и во овој сектор за да можеме во текот на оваа сезона, не знам колку ќе успееме, но во наредната да дојдеме до бројките коишто ни се потребни и да излеземе на конкретното барање на теренот – изјави Михаилов.
Освен на Серта, во изминатиот период огнот беснееше и во Радовишко и во Струмичко. На планината Плачковица пеплосани се 197, а во Струмичко 400 хектари.