Во Приштина проценуваат дека речиси 30 отсто од жителите на Косово веќе до средината на годинава ќе емигрираат во земјите од Западна Европа, најмногу во Германија.
Ова е последица на одлуката на Европската унија да им дозволи на жителите на Косово да влезат во Шенген зоната без визи.
Со првите денови од новата година и визната либерализација состојбата стана алармантна. Покрај бескрајните редици на аеродромите за качување во авиони, голем број луѓе се забележуваат и во полициските одделенија. Во Приштина, на пример, во првите десет дена од јануари повеќе од 10.000 луѓе поднеле барање за пасоши.
Веќе е направено истражување каде и кога ќе ги добијат пасошите.
„Според одговорите на граѓаните, 28 отсто од нив планираат да емигрираат во првата половина од оваа година во земјите од Шенген зоната“, вели Бленди Хасај, виш истражувач во институтот „ГАП“ во Приштина.
Неговата колешка Аниса Зогај наведува дека во 2022 година се иселиле 41.553 граѓани и дека тогаш активната работна сила е намалена за 21.571 лице, додека неактивната работна сила е намалена за 14.698 лица, пренесува Радиотелевизија на Србија.
Според податоците на истражувачите, од 2012 до 2022 година од Косово емигрирале повеќе од 338.000 граѓани или 18,8 отсто од населението, главно од албанска националност.
Главните причини за заминување се економските услови. Невработеноста е над 35 проценти.
Заминувањето најмногу ќе влијае на градежништвото, угостителството, трговијата и производството.