Ребалансот на буџетот во четврток ќе се најде на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Според информациите од веб страницата на Собранието, седницата на Комисијата е закажана во 11 часот. Ребалансот на буџетот се очекува да биде усвоен најдоцна до првата недела од август, бидејќи расправата трае 12 дена.
Ребалансот беше усвоен на владина седница во вторникот, а во средата на прес-конференција во Владата го образложи министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска.
Растот на БДП е ревидиран од првично планираниот 3,4% на 2,1 %, а инфлацијата е проектирана на ниво од 3,5%. Во втората половина на годината се очекува забавување на растот на инфлацијата, односно стабилизирање на цените на храната и енергенсите, како и поумерен притисок од базичната инфлација.
Вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари и бележат зголемување за 8,2 милијарди денари, додека расходите се проектирани на ниво од 362,8 милијарди денари, односно на расходна страна има зголемување од 19,2 милијарди денари.