Расправата за ребалансот на буџетот, која продолжува денеска во собраниската Комисија за финансирање и буџет, треба да одговори на дилемите дали во услови на истрошеност на буџетот од 71 отсто заклучно со јуни годинава, значајно несразмерно со периодот за кој се однесува, Влада има друг начин да ги сервисира законските обврски и да го запре безмилосното арчење буџетски пари во последните месеци на владеењето на владата на СДСМ и на ДУИ.
– Со ребалансот обезбедуваме средства за сите оние и за сето она што било предвидено со закон, а немало планирани средства, односно средства за вработените, пензионерите, студентите, компаниите, како и за плаќање на обврските по основ на камати, заеми и слично. Се обидовме и направивме максимални заштеди од се она што немаше динамика на реализација и средствата што стоеја неискористени. Од се она што претставува несуштински расходи, успеавме да најдеме заштеди од 20 милијарди денари и да ги употребиме онаму каде што беа потребни – рече муинистерката Гордана Димитриеска Кочоска во своето вчерашно експозе, објаснувајќи дека ребалансот е скроен согласно затекнатите состојби во Буџетот и дека се обезбедени средства за се она што треба да се исплати согласно со закон.
Институт за економски истражувања и политики Finance Think оцени дека ребалансот на Буџетот има реалистично макроекономско проектирање и дека проекцијата на буџетските приходи соодветствува со економските движења, но изрази загриженост за зголемувањето на буџетскиот дефицит, за кој, вели дека „не е изненадување со оглед на политичките ветувања во периодот на изборите“.
За пратениците од парламентарното мнозинство, ребалансот е за спас на државата, затоа што средствата во Буџетот биле планирани само за првите 6 месеци од годината и фалат пари за обврски што треба да се исплатат од страна на државата. Опозицијата, пак, обвинува дека ребалансот е скроен за да ги задоволи коалициските договарања и не се работи за никакво штедење, но не објаснува како било можно 7 од 10 денари народни пари предвидени за целата година да се потрошат до јуни.
Забелешките на ребалансот на буџетот од Судскиот буџетски совет, од државното Јавно обвинителство, но и од Сојузот на синдикати кој уште пред изборите побара зголемување на минималната плата на 450 евра и кој вчера се побуни зошто работодавачите да добијат половина милијарда евра поддршка од државата, веќе сега врши нов притисок за зголемување на буџетскиот дефицит.
При усвојувањето на Ребалансот на буџетот од страна на Владата беа усвоени и неколку заклучоци на предлог на Министерството за финансии. Меѓу нив дека при склучување на колективните договори, буџетските корисници треба да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година, а јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост ќе треба да побараат мислење од Министерството за финансии. На ова реагираа од синдикат на УПОЗ од каде прашаа дали е на повидок суспендирање на колективните договори.
Вкупните приходи во Ребалансот на буџетот се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.
Општата расправа за Ребалансот на буџетот трае најмногу 3 дена, а амандманската расправа, за која се поднесени 58 амадмани, 6 дена.