Реалистична црно-бела фотографија на германскиот фотограф Борис Елдагсен, која прикажува две жени од различни генерации, победи на Светскиот натпревар на Сони во категоријата Отворена креативност, но авторот одби да ја прими наградата откривајќи дека фотографијата е направена со помош на вештачка интелигенција.
Елдагсен рече дека неговата цел била да покрене дискусија на тема користење на вештачката интелигенција, а не да победи со измама.
– Решив да мамам за да видам дали фотографските натпреварувања се подготвени за вештачката интелигенција. Не се. На светот на фотографијата му треба дискусија, дискусија за тоа што сакаме да се смета за фотографија, а што не. Со моето одбивање на наградата се надевам дека ќе ја забрзам оваа дискусија – порача Елдагсен.
Тој додаде дека ова е историски момент, бидејќи за првпат фотографија направена со вештачката интелигенција победи на еден престижен меѓународен натпревар. Предложи неговата награда да биде донирана на фестивал на фотографии во украинскиот град Одеса.
Светската фотографска организација потврди дека Елдгасен пред прогласувањето на победниците признал дека ја создал својата фотографија со помош на вештачката интелигенција.