Косовскиот премиер Албин Курти по денешната средба со претставниците на „големата петорка“ во Приштина изјави дека е потребен „нов пристап“ за продолжување на дијалогот за нормализација на односите со Белград.
Во разговор со западните дипломати, Курти рече дека „безбедноста на државата и граѓаните, границите и територијата“ се приоритет за Косово и оцени дека „казнувањето“ на Србија за „терористичкиот напад“ на 24 септември во Бањска е клучно за спречување на слични инциденти во иднина.
„На средбата се разговараше за нормализација на односите меѓу Република Косово и Србија, односно имплементација на Основниот договор од Брисел и Охридскиот анекс за негова имплементација. Премиерот посочи дека е неопходна квалитативна рефлексија и нов пристап. Сите петмина емисари го понудија својот нов план за иднината, за што премиерот изрази благодарност. Дискусиите мора интензивно да се продолжат“ – соопштија од кабинетот на Курти.
Претходно, претставникот на ЕУ за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак, потврди дека западните дипломати дошле во Приштина „со план“ и дека за тоа разговарале со премиерот Албин Курти.
Тој додаде дека не може да соопштат повеќе детали за планот, но повтори дека е неопходно што поскоро да се формира Заедницата на српските општини (ЗСО) и дека без формирање на ЗСО, Косово не може да напредува на патот кон Европската Унија.
-Дијалогот нема алтернатива – рече Лајчак, додавајќи дека нападот во Бањска променил многу работи.
Претставниците на „големата петорка“, меѓу кои и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, советниците за надворешна политика на францускиот претседател и германскиот канцелар, Емануел Бон и Јенс Плетнер, како и дипломатскиот советник на италијанскиот премиер, Алесандро Катана, по состанокот во Приштина отпатуваа во Белград за да разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ.