Сакаме да ја потсетиме владата дека покрај огромниот број измислени работни места за партиски гласови, измислени институции, покрај огромниот број профитери и неплаќачи на данок, има и култура што треба да биде поддржана, негувана, промовирана, затоа што народот некако си ја сака, си ја почитува – реагира Синдикатот на културните работници на усвоениот буџет за 2023 година,
Сакаме да ја информираме Владата дека економската и енергетска криза тешко влијае и на институциите од културата. Во текот на целата 2022 година постојано слушавме дека кризата ќе нѐ уништи сите, па ќе мора да ги трпиме енормните поскапувања на сите трошоци за живот, дека ќе мора да готвиме во помалото тенџере, ќе мора да работиме со изгаснати светла, без греење, без ладење, без струја, без трошоци, без храна, без воздух… Дека Владата некако сепак ќе биде главниот јунак и ќе ни помогне да опстоиме.
„Иако почитуваната Министерка најави дека во 2023 година очекува буџетот за култура да биде двојно повисок од 2022, гледаме дека истиот е намален. Иако енормното поскапување на трошоците ги доведе институциите до раб на издржливост, па како и сите други помисливме дека и нам можеби некако ќе ни се помогне, дојде кратењето на буџетот. За 35 отсто. Независната сцена беше оставена да преживува. Сега сфаќаме дека и тоа ни било многу.
Сакаме да ја информираме Владата дека покрај спортистите, културните работници се единствените што во континуитет земјата ја претставуваат на меѓународната сцена и остваруваат успеси. Но, спортистите и културните работници работат во студени сали, со скршени прозорци, во градби што се неупотребливи кога ќе заврне дожд. Понекогаш сме принудени да го користиме тоалетот на соседното кафуле, ама таму барем е топло.
Секогаш сме имале разбирање за потребата на секоја Влада да ги преполни институциите со партиски директори, бидејќи други нема. Не е важно што тие не можат да обезбедат тоалетна хартија или да искречат. Важно е да се купат џипови. Со 6 звучници. Да има златен прибор за јадење во Владата. Ние, без пари, смрзнати, во сали што се распаѓаат, повторно ќе освојуваме меѓународни награди. И ќе се сликаме. Заедно со претставници на Владата. И многу ќе ни биде мило што тие ќе мислат дека тоа е нивни успех. Исто како што се сликаа со Горан Пандев, кој на калливите фудбалски терени во Македонија си ги кршеше нозете за да може некои функционери да се сместат во ложите на стадионите на европското првенство.
Е па господа, 90 отсто од младите луѓе сакаат да си заминат од државава. Немаат намера да мрзнат, да си ги кршат нозете, да си го губат здравјето, за некој да може да се слика. Кој сака да се слика, нека се слика“ – се вели во реакцијата на СКРМ.