Американските разузнавачки служби веруваат дека поединци од украинската влада го одобриле убиството на Дарја Дугина, ќерката на влијателниот руски филозоф Александар Дугин, која загина на 21 август во експлозија на автомобил во предградијата на Москва, пишуваат Њујорк Тајмс и Си-Ен-Ен.
Нови детали за атентатот во кој беше убиена ќерката на Александар Дугин објави Њујорк Тајмс врз основа на документ кој минатата недела им беше дистрибуиран на службениците на администрацијата во Вашингтон.
Во документот се наведува и дека Вашингтон не бил однапред информиран за плановите за нападот и дека не дал разузнавачки информации или каква било друга помош, но украинските власти по атентатот добиле жестока опомена.
Њујорк тајмс, повикувајќи се на изјави на неименувани функционери, наведува дека не е откриено кој ја организирал оваа операција и дали е одобрена од претседателот Володимир Зеленски.
Американските разузнавачки агенции веруваат дека Дугина го возела автомобилот на нејзиниот татко вечерта кога била убиена и дека нејзиниот татко бил вистинската цел на операцијата, рекол еден од изворите, пренесе Си-Ен-Ен.
Дугин е руски ултранационалист и филозоф кој беше жесток поборник за војната на Русија во Украина.
Пријателката на Дугина, исто така, набргу по експлозијата изјави за руската државна новинска агенција ТАСС дека автомобилот што го возела е на нејзиниот татко.
Претставници на украинската влада сѐ уште не одговориле на прашањата на Си-Ен-Ен за коментар, а ЦИА, НЦС (Национален систем за комуникации) и Стејт департментот одбија да коментираат, пишува овој американски медиум.
Како што се додава во текстот, досега украинските удари во Русија главно беа ограничени на напади врз складишта за гориво и воени бази во градовите долж руско-украинската граница, како што е Белгород. Но, САД немаат добар увид во сите планирани напади на Украина, изјавија извори за Си-Ен-Ен.
Да потсетиме, руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) на крајот на август објави дека идентификувала соучесник во убиството на Дарија Дугина.