Што се крие зад „вистинските“ причини за моето повторно разрешување, а без присуство на јавноста и со грубо прекршување на сите правила и процедури, убедена сум дека тоа на јавноста и` е веќе добро познато, вели за Дојче веле Весна Дамева, претседателка на Судскиот совет, која вчера одново беше „разрешена“, во постапка која не е предвидена со закон и деловник, а потоа за нов претседател на Судскиот совет беше избран судијата Сашко Георгиев.
Од 13 членови со право на глас, за Георгиев 8 гласале „за“, што е минимален број гласови потребен за да се избере претседател. Четворицата членови кои гласале „против“, изјавија дека тоа е нивен принципиелен став, бидејќи Сашко Георгиев гласал за разрешувањето на Дамева и со тоа придонел за состојбата во која се најде Судскиот совет изминатите денови.
Единствената со право на глас која не присуствувала на гласањето е Весна Дамева.
– Очигледно е дека вчерашниот чин, кој за некои најверојатно е завршница на претходните дејствија, нема ниту правна ниту законска основа. Одговорност за незаконско постапување и одлучување мора и треба да има. Судскиот совет беше блокиран изминатите денови, со цел да се обезбеди потребното мнозинство за мое разрешување и за избор на нов претседател. Целата оваа ситуација стана предмет на јавен интерес. Но, и покрај тоа, Судскиот совет одлучи да ја исклучи јавноста, со што ја лиши од правото да знае што се случува зад затворените врати во оваа важна институција, која треба да се грижи за самостојноста и независноста на судството. Пред да ја напуштам салата за да не бидам учесник во понатамошните дејствија, јасно укажав дека јавноста не смее да биде исклучена и остро се спротивставив на тоа. Се прашувам, чиј интегритет се штитеше зад затворените врати. Мојот? – коментира Дамева.
Таа е уверна дека на јавноста веќе ѝ е јасно кои се причините за ваквото нејзино разрешување.
– Што се крие зад „вистинските“ причини за моето повторно разрешување, без присуство на јавноста, со грубо прекршување на сите правила и процедури, убедена сум дека тоа на јавноста ѝ е веќе добро познато. Јас останувам доследна на изјавата која ја дадов на денот на мојот избор за претседател на Судскиот совет – дека за корумпираните судии нема место во судовите. Од оваа заложба не отстапувам и токму поради тоа останувам да бидам член на Судскиот совет, сѐ додека не се обидат да ме „отстранат“ и од таа позиција. За корумпираните судии компромис нема. Граѓаните заслужуваат да живеат во правна држава во која владее правото, а државата заслужува самостојно и независно судство – вели Дамева.
Дамева еднаш веќе беше „разрешена“ од функцијата претседател на Судскиот совет, кога на 26-ти април седум члена предводени од заменик-претседателот Селим Адеми, гласаа „за“. Адеми тогаш констатираше дека Дамева е разрешена и закажа итна седница за избор на нов претседател. Но таа седница беше одложувана, сѐ до вчера кога се одржа зад затворени врати, на која било одлучено да ја отповикаат претходната, прва одлука за разрешување на Весна Дамева, и да ја стават „вон сила“. Веднаш потоа во друга постапка на Дамева и` била изгласана недоверба и била разрешена, а потоа на друга седница, исто така затворена за јавноста, се гласало за избор на нов претседател на Судскиот совет.