Соединетите Американски Држави ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара прекин на конфликтот меѓу Израел и палестинскиот Хамас за да се дозволи доставување хуманитарна помош во Појасот Газа. За предлог-резолуцијата на Бразил гласаа 12 членки, додека Русија и Велика Британија беа воздржани.
– САД се разочарани оваа резолуција не го спомнува правото на Израел на самоодбрана – рече американската амбасадорка во ОН Линда Томас-Гринфилд.
– Како и секоја нација во светот, Израел има вродено право на самоодбрана, како што се гледа во член 51 од Повелбата на ОН – додаде таа.
– По претходните терористички напади на групи како што се Ал Каеда и ИСИС, овој совет (Советот за безбедност) го потврди тоа право (на самоодбрана). Овој текст (на резолуцијата) требаше да го стори истото – ја објасни таа причината за ветото.
Нацртот го прозиваше Израел, без да го спомене конкретно, да ги повлече повиците до цивилите и персоналот на ОН да се повлечат на југот на палестинската енклава и ги осудува „терористичките напади на Хамас“. Резолуцијата исто така го осудува секое насилство и непријателство кон цивили и сите терористички недела и повика на итно и безусловно ослободување на сите заложници.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска повика на итен прекин на огнот за ослободување на заложниците и испорака на хуманитарна помош во Газа.
Денеска кабинетот на израелскиот премиер соопшти дека Израел нема да ја спречи испораката на хуманитарна помош во Појасот Газа од Египет. Сепак, израелскиот воен кабинет соопштои дека нема да дозволи испорака на хуманитарна помош од негова територија во Појасот Газа додека не се вратат затворениците кои ги држи палестинската милитантна група Хамас.
Израел минатата недела повика 1,1 милион жители на Газа, или речиси половина од населението, да се повлечат на југ додека се подготвува за копнена офанзива како одговор на најлошиот напад на Хамас врз цивилите во 75-годишната историја на Израел.
Портпаролката на Белата куќа Адриен Вотсон во објава на Икс рече дека САД не веруваат оти Израел е одговорен за вчерашната експлозија во болницата во Газа. Таа додаде дека САД продолжуваат да собираат информации за експлозијата.