Дваесет и пет лица беа уапсени во полициски рации ширум Германија под сомнение дека планирале да ја соборат владата.Извештаите од Германија велат дека група екстремно десничарски и поранешен воен персонал планирале да упаднат во зградата на парламентот, Рајхстагот, и да ја преземат власта.
Како клучна личност за нивните планови се споменува маж опишан како принц и наречен Хајнрих 13. Тој има 71 година.
Според федералните обвинители, меѓу уапсените во 11 германски покраини имало двајца кои наводно го воделе обидот за пуч, пренесува Би-би-си.
Меѓу осомничените наводно има и членови на екстремистичкото движење Рајхсбиргер (Граѓани на Рајхот), кое долго време беше под надзор на германската полиција поради насилни напади и расистички теории на заговор. Тие исто така одбиваат да ја признаат модерната германска држава.
Министерот за правда Марко Бушман на Твитер објави дека е во тек „голема антитерористичка операција“ и дека уапсените „планирале вооружен напад врз уставните тела“. Главниот обвинител рече дека групата планирала насилен пуч од ноември 2021 година.