Energy Delivery Solutions (ЕДС), водечката македонска компанија од областа на трговија со електрична енергија која што веќе 10 години успешно работи на македонскиот пазар, во текот на годинава бележи тенденција на константен пораст на својот пазарен удел.
– Поради наглиот пораст на цените на електричната енергија во втората половина од 2021 година, ЕДС доживеа и нагло зголемување на своето портфолио поради трендот помали снабдувачи да ги раскинуваат договорите за снабдување со своите клиенти. Очекувам ЕДС да ја заврши 2022 година со пазарен удел од над 30 отсто од слободниот сегмент на пазарот – вели во интервју за Фактор, извршниот директор за продажба и маркетинг во ЕДС, Златко Черепналкоски.
Во овој момент, балансната група која што ЕДС ја снабдува со електрична енергија ја сочинуваат 578 правни субјекти, од кои 264 се јавни претпријатија и институции, а 314 се приватни компании. Планот на компанијата е во наредниот период да продолжи со добрите деловни пракси, да го инкорпорира корпоративниот бренд на PPC SA, грчката национална енергетска компанија која што од 2018 година е сопственик на ЕДС, во своето работење и континуирано да го зголемува своето портфолио.
ЕДС бележи позитивни резултати во своето работење и покрај предизвикот со наплатата на испорачаната електрична енергија кон дел од клиентите, особено јавните претпријатија чии основачи се единиците на локалната самоуправа.
– И покрај фактот што акумулацијата на нефункционални побарувања, посебно во сегментот на јавните институции, може да предизвика опасност за целата балансна група на еден снабдувач, ЕДС сепак не дозволува проблематичните побарувања да наметнат ликвидносен проблем од толкави размери. Долгот од јавните претпријатија претставува сериозна сума и ги зголемува финансиските трошоци на ЕДС, но ЕДС има доволна финансиска моќ која ѝ обезбедува еластицитет во заштита на балансната група – да ги заштити сите останати клиенти кои редовно ги подмируваат своите обврски. Во справувањето со овие проблеми ЕДС секогаш тежнее да обезбеди соработка со јавните институции и бараме начин да им излеземе во пресрет, но секогаш инсистирајќи на заемна почит… Сакаме да видиме дека јавните претпријатија се обидуваат да предложат решение зад кое цврсто ќе застанат, сакаме да видиме дека јавните претпријатија се обидуваат максимално да ги исцрпат сите можности во нивна моќ за да ги сервисираат обврските – истакнува Черепналкоски.
Тој во интервјуто истакнува и дека ЕДС е меѓу ретките снабдувачи на електрична енергија која што и покрај енормниот раст на цените на електричната енергија не раскина ниту еден договор за снабдување со своите клиенти.
Извршниот директор за продажба и маркетинг на ЕДС во однос на идните движења на цената на електричната енергија заклучува дека дури и да се остварат најоптимистичките очекувања дека воените дејства во Украина би завршиле набргу и би се случила стабилизација на енергенсите, не би можеле да очекуваме цена на струјата под 100 евра за мегават час.
Токму поради ова, ЕДС како општествено одговорна компанија го повторува својот апел дека во постојните услови во енергетскиот сектор од клучно значење е редовното и навремено подмирување на сметките за електрична енергија, разумното и одговорно планирање на буџетите за потрошувачка на електрична енергија од страна на надлежните сектори во општините и јавните претпријатија и секако рационално користење на енергијата.