Ширум светот во текот на годинава се убиени 67 новинари и медиумски работници, што е за 30 отсто повеќе во однос на 2021 година, се наведува во новиот извештај на Меѓународната федерација на новинари. Минатата година се убиени 47 новинари и медиумски работници.
Според Меѓународната федерација на новинари, за порастот на бројот на убиени новинари и медиумски работници, најмногу придонесе војната во Украина, нередите во Хаити и растечкото насилство на криминалните банди во Мексико.
Поради известување, ширум светот моментално се притворени 375 новинари, најмногу во Кина, Мијанмар и Турција. Минатата година во затвор биле 365 новинари.
Со оглед дека бројот на убиени медиумски работници е во пораст, Меѓународната федерација на новинари ги повика владите да преземат конкретни чекори за заштита на новинарите и слободното новинарство.
– Неуспешното реагирање само ќе ги охрабри тие кои настојуваат да го сузбијат слободниот проток на информации и да ја поткопаат способноста на луѓето да ги повикуваат своите лидери на одговорност – истакна генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Белангер.
Најмногу медиумски работници, 12 се убиени во текот на известувањето за војната во Украина. Повеќето од нив биле Украинци.
Меѓународната федерација на новинари со седиште во Брисел претставува 600.000 медиумски работници од нивните синдидати и здруженија од повеќе од 140 земји. Извештајот на Меѓународната федерација на новинари е објавен во пресрет на Денот на човековите права на ОН.