Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека „заканите од тероризам и агресија во регионот“ се зголемуваат и дека членството на Косово во евроатлантските институции е поважно од кога било досега за мирот и безбедноста на Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Приштина.
Курти, како што соопшти денеска неговиот кабинет, изјавата ја дал на приемот организиран од Амбасадата на Ирска во Приштина по повод нејзиниот државен празник Денот на свети Патрик, кој е воедно и Ден на Ирска.
„Во време кога се зголемуваат заканите од тероризам и агресија во регионот, интеграцијата на Косово во евроатлантските институции е поважна од кога било досега за мирот, безбедноста и човековите права на Западен Балкан“, се цитира Курти во владиното соопштение.
Косовскиот премиер изразил благодарност до неговиот ирски колега, Лео Варадкар „за неговата силна поддршка“ за апликацијата на Косово за членство во Советот на Европа и Европската Унија.
Тој нагласил дека Косово го цени и високо го вреднува партнерството со Ирска.
„Тој (Курти) го подвлече фактот дека Ирска е меѓу првите земји што ја признаа нашата држава и државноста само дванаесет дена по независноста. Јакнењето на билатералните односи меѓу Косово и Ирска премиерот Курти го оцени како еден од благодетите на 2024 година. За помалку од два месеци беа остварени две билатерални државни посети. Прво, посетата на премиерот на Ирска, Лео Варадкар на Приштина на 10 јануари, а потоа посетата на премиерот Курти на Даблин на 29 февруари и 1 март“, се наведува во соопштението.