Израелските одбранбени сили соопштија дека погодиле подземно складиште за стратешко оружје на Хезболах во областа Дахије во јужните предградија на Бејрут, во соопштение објавено на Икс.
Израелските напади дојдоа само неколку часа откако САД соопштија дека се противат на опсегот на израелските напади во либанската престолнина поради зголемениот број на жртви и стравувањата од поширока регионална ескалација, пренесува „Гардијан“.
Во вторникот, портпаролот на Стејт департментот Метју Милер рече дека САД ја изразиле својата загриженост до администрацијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за неодамнешните напади. Ова беше прва поостра изјава од Вашингтон.
Либански безбедносни извори тогаш изјавија дека мета бил функционерот на Хезболах, Вафик Сафа, но дека тој преживеал. Немаше коментар од Израел.
Во израелски воздушен напад во средата врз општинската зграда во Набатие, главен град во јужен Либан, кој служи како главен град на провинцијата, загина градоначалникот Ахмед Кахил и уште најмалку петмина, соопштија два безбедносни извори.
Гувернерката на Набатије, Хаваида Турк, за француската агенција Франс Прес го осуди нападот нарекувајќи го „масакр“ откривајќи дека градоначалникот бил во општинската зграда за време на нападот.
Привремениот либански премиер Наџиб Микати во вторникот рече дека неговите контакти со американски официјални претставници дале „еден вид гаранција“ дека Израел ќе ги намали нападите врз Бејрут и неговите јужни предградија.
Последен пат Бејрут беше погоден на 10 октомври, кога во два напада во близина на центарот на градот загинаа 22 лица и беа урнати цели згради во густо населена населба.