Г-ѓа Русковска, кажете ѝ на македонската јавност – дали случајот „Софвери“ против Драги Рашковски го отворивте за да може со него да уценувате да ве изберат во Републичкото јавно обвинителство, а внукот во Вишто јавно обвинителство, а не обратно, како што тврдите во вашето интервју – пишува поранешниот генерален секретар на Владата и обвинет во случајот „Софтвери“ Драги Рашковски во отвореното писмо до суспендираната обвинителка Вилма Рускоска.
Во писмото, кое го го објавуваме во целост, Рашкоски бара од Русковака извинување и повлекување на изјава која беше пренесена на повеќе медиуми:
„Основните правила на комуникацијата налагаат дека:
• Секој човек има име и презиме
• Секој настан има време и место
• Секое опишано дејствие има причина и последица
Од овие правила произлегува дека секој оној кој нема одговор на овие три прашања својот исказ може да го сведе само во категоријата на шпекулација и манипулација. Не заради себе, туку заради јавноста која веќе две години ја труете со овој тип на обраќање кон неа вие мора да дадете одговор: Кој со име и презиме Ви понудил да станете заменик јавен обвинител и вашиот внук да биде избран во Вишото јавно обвинителство во замена за тоа да ја сопрете истрагата за случајот „Софтвери”, кога тоа се случило и на кое место и најбитно ако тоа се случило што е причината за тој настан, а уште повеќе зошто после речиси 2 години Вие дури сега кога Ве суспендираа комплет зборувате за истиот?
Ваквото Ваше синоќешно излагање е одраз на она како обвиненијата ги пишувате – без кој, што, и како направил. Се осеќавте, а и бевте во даден период моќни да придобиете јавност и притиснете судски одлуки само на база на тоа дека Вие така сметате.
Како и во обвиненијата, така и во гостувањето на телевизија, фали општата логика. Еве зошто:
Апсурд 1 – Велите „Ми беше понудено да ме изберат за заменик републички обвинител …” Ваква позиција согласно Законот за јавно обвинителство не постои! Постои јавен обвинител кој го заменува Републичкиот јавен обвинител во случај на отсуство, но тоа е веќе сосема друго, Тоа Вие би требало подобро да го знаете од мене.
Апсурд 2 – Велите „Можеби тоа беше причината” алудирајќи на тоа дека позициите за Вас и за внукот кои Ви биле понудени биле за да се откажете од истрагата за случајот „Софтвери”. На која Вилма треба да и веруваме, на онаа која вели дека некој и пристапил со конкретен предлог или на онаа која после 2 минути кажува дека „можеби“ тоа била причината.
Апсурд 3 – Велите „не сакам после да се најдам на суд за клевета и навреда….” Па ако е вистина тоа што го зборувате зошто би Ве дал некој на Суд, а особено „истакнат” правник како Вас не треба да се плаши од одење по судови. Каков борец сте за правда ако се плашите да одете на суд за клевета и навреда?
Апсурд 4 – На која Вилма да ѝ веруваме? На онаа која две години наназад вели дека немала никакви притисоци за овој случај (која може да си ги погледне изјавите дадени за некои телевизии) или на онаа која вели дека не се плаши од поднесената кривична пријава од Драги Рашковски затоа што „Не можам да местам нешто што не сум го работела. Колешката Ивана Трајчева ја водеше истрагата. Јас учествував само во предистрагата“, посочува Русковска за „А1он“.” Ако не сте ја работеле истрагата зошто некој да ви прави притисок да се откажете?
Јасно Ви е и Вам и на Трајчева дека случајот „Софтвери” Ви е пропаднат. Но, тоа не Ве плаши толку колку што знаете дека народски кажано „Стапот има два краја”. Затоа што, со ништо, никој и никогаш не Ве попречи во самоволието кое го теравте по овој предмет, ама знаете дека „Ѓаволот доаѓа секогаш по своето” и дека да обвините седум интелектуалци само заради тоа што сте буквално правно неуки е кривично дело.
Бидете искрени и кажете и на јавноста дека: Од цела бука која ја кренавте за наводен криминал при набавка на предметниот софтвер, сега се сведовте на тоа дека „упатството за инсталација на софтверот не било доволно јасно и фазите не биле реализирани, затоа што требало да се реализираат за 150 дена, а биле реализирани за 80“.
Одговорете и на ова прашање на јавноста, наместо да пробувате преку вакви интервјуа без присуство на сложени реченици да фрлате прашина во очите на јавноста.
Согласно, Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета член 13 упатувам до Вас барањe за извинување и јавно повлекување на искажаното, кое доколку не следува против вас ќе биде поднесена соодветна тужба за клевета и навреда. Согласно член 9 од истиот закон “Тужениот е должен да ја докажува вистинитоста на фактите содржани во тврдењето”. Извинувањето барам да биде направено на истиот начин како што ја имате дадено и изјавата дека некој Ви правел притисок за овој предмет.
Вам и на Ивана Трајчева Ви е јасно колку неправда нанесовте, но на јавноста и на Судот ќе му стане јасно колку правна неукост е сконцентрирана во овој судски предмет. Срамот од таа неукост ќе е Ваш.“