Расфрлани амбалажи, ќеси и разни видови отпад е повеќегодишната слика што може да се види долж коритото на реката Треска од браната Матка до вливот во реката Вардар.
Нецивилизираниот однос кон јавните површини на поединци предизвикува огромен револт кај скопјани кои ова место го сметаат за култно, бидејќи во минатото постојано се користело за разладување во летните месеци, како и за риболов.
Но сега, како што сведочат граѓаните, никогаш погрозно и потажно во историјата не изгледаат реката и езерото Треска.
Скопјани постојано реагираат до Градот Скопје, до Општина Сарај и до државните институции, еднаш за секогаш да се исчисти коритото на Треска и повторно да се врати сјајот на ова место, но засега, како што велат, има само молк од надлежните.
„Продолжува масакрот врз Треска кај Сарај. Никој не одговара – ни општината, ни државните инспекции! Со години постирам слики и коментирам, сум пишувал и текстови, ама нема поддршка и солидарност“, пишува поранешниот тв-презентер Бране Стефановски.