Премиерот на Албанија Еди Рама изјави дека денеска, премиерот на Црна Гора во технички мандат, Дритан Абазовиќ, изразил намера да организира неформален самит на иницијативата Отворен Балкан во Црна Гора во јуни годинава, и оцени дека оваа иницијатива е „неопходна и комплементарна“ на Берлинскиот процес.
На свечената седница беа потпишани повеќе меѓудржавни договори и меморандуми за соработка во областа на инфраструктурата, енергетиката, рибарството, заштитата на растенијата, социјалната заштита, спортот, културата и медиумите, одбраната и здравството.
Албанскиот премиер порача дека зад иницијативата Отворен Балкан не треба да се бара „скриената рака“ на Кина, Русија или Германија.
– Не барајте Кинези, Руси, Марсовци, па дури и Германци зад таа иницијатива. Отворен Балкан е наша иницијатива за заживување и спроведување на принципите и целите на Берлинскиот процес. Секој што сака да види Кинези, Руси, Марсовци во овој процес е слободен да ги види – рече Рама.
Премиерот на Црна Гора Абазовиќ оцени дека Отворениот Балкан го „оживеа“ Берлинскиот процес.
– Добро е што го оживеа, ги усвоивме договорите. Црна Гора ги усвои и се надевам дека ќе бидат ратификувани на следната владина седница. Планираме да организираме некоја неформална средба во јуни. Тоа не е класичен состанок на Отворен Балкан, туку во контекст на регионалната соработка – рече Абазовиќ.
– Идејата што му ја претставив на Рама е дека, доколку дозволат политичките околности, наскоро би можеле да организираме неформален состанок на кој ќе се обидеме да ги доведеме сите лидери од Западен Балкан да се создаде атмосфера како што имавме денеска. Интерес на нашата земја е да има поголема хармонија во соседството – додаде Абазовиќ.
Истовремено, премиерите на Црна Гора и на Албанија, денеска во Подгорица се согласија дека француско-германскиот план за Косово е добра рамка за решавање на проблемите меѓу Приштина и Белград.
Рама, по свечената седница на двете влади, изјави дека договорот заснован на француско-германскиот план е „најдоброто нешто што било на маса“ кога станува збор за решавање на ситуацијата меѓу Србија и Косово.
– Супер силите треба да ги фатат за уво секогаш кога ќе се расправаат во училишниот двор. Го почитувам суверенитетот на двете страни да одлучуваат за тоа. Секако, кога ќе дојде до ваква ситуација, неопходно е владата на Албанија и јас да ја поддржиме владата на Косово и нивната власт и јас им посакувам тие да бидат одлучни и успешни – рече Рама одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, Белград и Приштина се одговорни за резултатот од дијалогот и двете страни ќе ја платат цената на погрешните одлуки.
Абазовиќ изјави дека со одржувањето на „статус кво“ целиот регион е во загуба и посочи дека Подгорица го поддржува германско-францускиот план за Косово.
– Владата го поддржува дијалогот меѓу Србија и Косово. Тоа е исто така добар план и мора да имаме нормализација, но тоа не е наше прашање, не можеме да кажеме кој и како ќе дејствува – додаде тој.
фото: МИА