Возвраќа ли Муцунски со иста тежина кон Бугарија?
По најавата дека амбасадарот на Република Бугарија, Желјазко Радуков, денеска е повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ), неофицијално дознаваме дека тој ќе биде примен од директорот на директоратот за регионални иницијативи, а не од министерот Тимчо Муцунски.
Дали ваквиот потег од министерот Муцунски е политичка порака кон нашиот сосед?
Како што е познато, претседателката Гордана Сиљановска Давкова најави дека ќе побара објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија Румен Радев во петокот во Софија.
Во петокот, на 13 септември Сиљановска Давкова во Софија имаше тет-а-тет средба и заеднички ручек со бугарскиот претседател Радев, по што таа присуствуваше во софиската опера каде на репертоар беше операта „Набуко“, во изведба на Македонската опера и балет. Фотографијата на која Сиљановска Давкова и Радев се ракуваат пред бугарското знаме во неговиот Кабинет, како што вчера информираа од Кабинетот на претседателката, не била дел од договорениот протокол за средбата, според кој, не требало да има фотографии во рамки на затворениот простор.
По ова следуваше повик до амбасадорот на Република Бугарија, Желјазко Радуков, на разговор во МНР. Но, за разлика од вообичаената пракса порано, кога амбасадорите на „важните“ земји беа примани на министерско и на премиерско ниво, очигледно е дека Муцунски одлучил да го спушти нивото на средбата на потребното – сепак, станува збор за прилика во која бугарскиот амбасадор е повикан да објасни како Софија ги разбира своите протоколарни обврски за средби меѓу шефови на држави на кои таа е домаќин.
Одлуката на Муцунски може да се разбере и на друг начин, велат упатените. Новиот шеф на македонската дипломатија веројатно не сака да наседне на провокацијата во Софија и од неа да се изроди непотребен политички конфликт, во моменти кога македонската дипломатија прави чекори кон нормализација на односите со Бугарија, настапувајќи при тоа со јасна позиција во поглед на уставните промени, клучното прашање на кое инсистира софиската дипломатија.