Република Северна Македонија треба да покаже дека навистина сака да биде дел од обединета Европа со тоа што ќе ги исполни сите барања што ѝ ги поставува ЕУ, исто како што било за секоја земја членка, изјави бугарскиот претседател Румен Радев пред новинарите во Рим, пренесува БТА.
– Мојата порака до претседателот на Република Северна Македонија е дека Бугарија час поскоро очекува промена на реториката и конечно да престане со јазикот на омразата – изјави Радев.
Според Радев, поради набиената програма организирана до минута, бугарската делегација не можела да се сретне со делегацијата на Република Северна Македонија, која престојува во Рим и е предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
– Позитивен знак е што претседателот на Република Северна Македонија покажал желба за ваква средба – одговорил Радев на прашањето дали е побарана средба меѓу него и Сиљановска-Давкова во Рим.
Очекувам, нагласил Радев, дека таква средба ќе има наскоро. Прашан дали ја кани Сиљановска-Давкова во Бугарија, Радев одговорил „Ја поканувам, секако“.
– Сметам дека желбата на Република Северна Македонија за дијалог е позитивен знак. Само преку дијалог ќе ја зајакнеме меѓусебната доверба, ќе ги решиме сите спорни прашања и ќе ја отвориме вратата на РСМ кон ЕУ. Се надевам и мој апел е оваа средба да се случи час поскоро. На ред е претседателот на РСМ, ако не се лажам, да дојде во Бугарија – изјавил Радев.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја предводи државно-црковната делегација во Рим и Ватикан во рамки на чествувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Ова е нејзина прва посета во странство по преземањето на функцијата на 12 мај.