Рускиот претседател Владимир Путин ја одобри новата доктрина во руската надворешната политика заснована врз концептот „руски свет“, што конзервативните идеолози ја користат за оправдување интервенции во странство насочени кон заштита на руското население.
Во документот на 31 страница насловен „Хуманитарна политика” се наведува дека Русија треба „да ги штити, зачува и промовира традициите и идеалите на рускиот свет“.
Иако претставена како своевидна стратегија на „мека“ сила, таа како официјална политика ги потврдува идеите за руската политика и религија кои некои тврдокорни приврзаници ги користат да ја оправдаат руската окупација на делови од Украина и поддршката за одметнатите проруски ентитети на истокот од земјата.
– Руската Федерација ги поддржува своите сонародници кои живеат во странство во остварувањето на нивните права, со цел да се обезбеди заштита на нивните интереси и зачувување на нивниот руски културен идентитет – се наведува во документот.
Истовремено во него се истакнува дека врските со сонародниците во странство и овозможуваат на Русија „да го зајакне својот имиџ на меѓународната сцена како демократска земја која се стреми да создаде мултиполарен свет“.
Со години Путин како геополитичка катастрофа ја посочува судбината на речиси 25 милиони етнички Руси кои живеат во државите создадени по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Русија сè уште го смета поранешниот советски простор од Балтикот до Централна Азија за своја легитимна сфера на влијание, на што се спротивставуваат многу од тие земји вклучувајќи го тука и Западот.
Во новата политичка доктрина се наведува дека Русија треба да ја зголеми соработката со словенските народи, со Кина и Индија и дополнително да ги зајакне своите врски со Блискиот Исток, Латинска Америка и Африка.
Според документот, Москва треба дополнително да ги зајакне односите со Абхазија и Осетија, два грузиски региони што ги призна по војната со Грузија во 2008 година, како и со двата отцепени региони на истокот на Украина – Доњецк и Луганската Народна Република.