Рускиот претседател Владимир Путин ги опиша настаните од 1999 година, кога НАТО почна да ја бомбардира СР Југославија, како голема трагедија.
– Тоа е голема трагедија – рече Путин во документарниот филм „Белград“ на генералниот директор на ТАСС Андреј Кондрасов.
Фрагмент од филмот беше прикажан на ТВ каналот Русија-1 во емисијата „Вести на неделата“. Путин повтори дека „тоа што го направи Западот е целосно неприфатливо“. Тој го обвини Западот дека започнал војна во срцето на Европа, без никаква резолуција на Советот за безбедност на Обединетите Нации.
Тој нагласи дека на бомбардирањето на НАТО му претходела „тешка граѓанска војна“.
– Првиот чекор, се разбира, беше прашање на внатрешен конфликт. Сега нема да давам оценки кој за што е виновен и кои биле целите – изјави тој.
Тој истакна дека сè е „поттикнато и внатрешно и надворешно, и тоа доведе до некаков внатрешен конфликт – во суштина, многу тешка граѓанска војна“.
НАТО започна воена операција против СР Југославија на 24 март 1999 година за „да го спречи геноцидот врз албанското население на Косово“. Според податоците на НАТО, авионите на земјите-членки на алијансата извршиле 38.000 прелети во текот на 78-дневната операција.