Рускиот претседател Владимир Путин побара зголемени безбедносни мерки на мостот на Крим, стратешка инфраструктура оштетена по втор пат во украински напад и најави „одговор“ на нападот.
-Бидејќи ова е втор терористички напад на мостот на Крим, очекувам конкретни предлози за подобрување на безбедноста на оваа важна и стратешка транспортна инфраструктура, рече Путин на владината седница која се емитуваше на телевизија.
Путин рече дека едно девојче било повредено, а нејзините родители биле убиени во тој украински напад на мостот што ја поврзува Русија со Крим, полуостровот кој Русија го анектираше во 2014 година.
-Одговорот на Русија сигурно нема да изостане, министерот за одбрана подготвува соодветни предлози, рече Путин.
Нападот предизвика значителна штета на патниот дел од мостот преку кој се снабдува со воена опрема руската армија која се бори во Украина.
Нападот го извршија украинските специјални служби и поморските сили користејќи „поморски беспилотни летала“, потврди за АФП извор од Службата за безбедност на Украина (СБУ).
-Ова е нов чин на тероризам на режимот во Киев, рече Путин.
Бетонскиот мост долг 18 километри, изграден со големи трошоци по наредба на Владимир Путин, кој го пушти во промет во 2018 година, се состои од два паралелни дела, едниот за патен, а другиот за железнички сообраќај.
Рускиот вицепремиер Марат Хуснулхин изјави дека темелите на мостот на Крим не биле оштетени во експлозијата, која Путин ја нарече „добра вест“. Хуснуљин рече дека мостот ќе биде целосно отворен за патен сообраќај до 1 ноември.