По една година пауза, рускиот претседател Владимир Путин денеска повторно ќе одржи маратонска прес-конференција за крајот на годината, која директно ќе се пренесува на државната телевизија.
Путин, кој е на власт како премиер или претседател од 2000 година, ги одржува овие медиумски настани повеќето години. Понекогаш тие траат повеќе од четири часа.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека обраќањето ќе започне во 10 часот по локално време. Се очекува програмата да трае околу три часа, но Песков рече дека нема временско ограничување.
Минатиот декември Путин ја откажа прес-конференцијата за прв пат по 10 години. Во тоа време, набљудувачите на Кремљ беа убедени дека Путин сака да ги избегне прашањата на меѓународните новинари бидејќи неговата војска претрпе серија неуспеси во Украина.
Годинава, наводно, пристигнале повеќе од милион прашања за „сумирање на годишните резултати со Владимир Путин“, објави телевизијата „Русија 1“.