Противниците на Русија ја ескалираат ситуацијата, но нема потреба луѓето да се плашат од Трета светска војна, изјави рускиот претседател Владимир Путин за телевизијата „Русија 24“, пренесува РИА Новости.
На прашањето дали трае третата светска војна, Путин одговори:
– Знаете, не треба никого да плашите. Опасностите се зголемуваат. Гледаме што прави нашиот противник – ја ескалира ситуацијата. Ако така сака нека продолжи. Дали е лошо за нив? Нека продолжат со ескалација. Ние ќе одговориме на секој предизвик, секогаш! – изјави претседателот на Руската Федерација.
Според неговите зборови, „кога ова конечно ќе го слушнат нашите сегашни противници и потенцијални партнери, ќе го разберат, ми се чини дека тогаш ќе дојде сознанието дека треба да бараме компромиси“.
– Ние сме подготвени да ги бараме овие компромиси, но не на сметка на нашите интереси – објасни Путин.
Како што истакна рускиот лидер, во меѓународните односи сè се менува, само интересите остануваат непроменети, во овој случај – „интересите на Русија и нејзиниот народ“.
– Ако видиме дека ситуацијата се менува на тој начин што има можности и перспективи за градење односи со други земји, ние сме подготвени на тоа, но не на штета на интересите на Руската Федерација – заклучи Путин.
Тој додаде дека претходната генерација политичари се надевала дека Русија ќе стане дел од таканаречениот цивилизиран свет, но сè што сакале е уништување на Русија.
– За жал, така функционира светот, барем денес – рече Путин.
Според рускиот лидер, Русија требаше порано да се подготви за воени дејствија, да дејствува поодлучно и да го избере моментот за нивно започнување, наместо да чека. Тој истакна дека западните лидери, откако се согласиле со договорите од Минск, се обидоле да им дадат време на вооружените сили на Украина да се подготват за конфликт, и соодветно на тоа, „претпоставија дека ќе има конфликт“.
– А ние, сфаќајќи го тоа, требаше поодлучно и навремено да реагираме и да го избереме вистинскиот момент да го започнеме, а не да го чекаме моментот кога ќе стане невозможно да се направи нешто – посочи Путин.
Првиот човек на Русија додаде дека кога противниците на Русија ќе ја разберат подготвеноста на таа земја да одговори на какви било предизвици, ќе сфатат и дека е време да се бараат компромиси.
– Секогаш ќе одговориме на секој предизвик, а кога нашите сегашни противници и можни партнери конечно ќе го слушнат и разберат ова, ми се чини дека тогаш ќе сфатат дека е неопходно да се бараат компромиси – заклучи Путин.