Телеграмскиот канал „Генерал Свр“, кој со месеци тврди дека рускиот претседател Владимир Путин има рак и е неизлечиво болен, објави дека Путин починал во својата палата во Валдај, северно од Москва.
На објавената информација реагираше Кремљ. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за државните медиуми РИА Новости изјави дека објавата на Телеграм е „апсурдна шега“.
-Ваквите видови објави спаѓаат во категоријата лажни вести, за кои многу медиуми упорно пишуваат и дискутираат. Тоа предизвикува потсмев во Кремљ – изјави Песков за РИА Новости.
Претходно оваа недела, Песков ги негираше наводите дека Путин доживеал срцев удар и исто така одговори на извештаите дека рускиот претседател користел двојник за одредени настани.
Профилот „Генерал Свр“ на Телеграм објави дека Путин е мртов и дека во моментов има обид за државен удар во Русија.
„Рускиот претседател Владимир Путин почина вечерва во својата резиденција во Валдај. Во 20:42 часот по московско време лекарите ја прекинаа реанимацијата и констатираа смрт.
Сега лекарите се блокирани во собата со трупот на Путин, која ја држат членови на претседателската безбедносна служба по лична наредба на Дмитриј Кочнев (директор на Федералната гарда), кој добива инструкции од секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Николај Патрушев.
Зголемено е обезбедувањето на двојникот на претседателот. Активните преговори се во тек. Секој обид двојникот да се претстави како Путин по неговата смрт е државен удар“ – пишува во објавата на Телеграм.