Владимир Путин верува дека Русија не е виновна за војната во Украина, додавајќи дека двете земји „споделуваат трагедија“. За време на телевизиското обраќање со високи воени претставници, рускиот претседател рече дека продолжува да ја гледа Украина како „братска нација“, јавува Би-Би-Си.
Путин тврди дека конфликтот е „резултат на политиката на трети земји“, а не на руската политика. Тој тврдеше дека Западот ги „испрал мозоците“ на постсоветските републики, почнувајќи од Украина.
– Со години се обидувавме да изградиме добрососедски односи со Украина, нудејќи заеми и евтина енергија, но тоа не функционираше – изјави Путин.
– Нема за што да нè обвинувате. Отсекогаш сме ги гледале Украинците како братски народ и сè уште мислам така. Ова што се случува сега е трагедија, но не сме ние виновни – додаде тој.
На крајот на 10-тиот месец од руската специјална воена операција во Украина, претседателот на Руската Федерација денеска вети дека ќе бидат задоволени сите потреби на руските вооружени сили.
Обраќајќи му се на руското воено раководство на продолжениот состанок на одборот на Министерството за одбрана во Москва, Путин рече дека нема финансиски ограничувања за снабдување со опрема и хардвер за руската војска.
Поздравувајќи ги руските војници и командниот персонал како херои, Путин рече дека Русија треба да посвети посебно внимание на важноста на беспилотните летала во конфликтот.
– Руската интерконтинентална балистичка ракета Сармат, способна да изврши нуклеарни напади против САД, ќе биде подготвена за распоредување во блиска иднина – рече Путин.
Рускиот лидер потврди дека фрегатата „Адмирал Горшков”, вооружена со хиперсонични ракети Циркон, ќе започне со борбени патроли на почетокот на јануари 2023 година.
Изјавата на Путин доаѓа како одговор на онаа на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу кој денеска предложи зголемување на бројот на војници во руската армија, од сегашните еден милион на 1,5 милиони во услови на борби во Украина. Тој, исто така, најави зголемување на старосната граница за воена служба од 18 на 30 години.
Шојгу не кажа кога војската планира да ја достигне таа цел.