Рускиот претседател Владимир Путин му го честиташе роденденот на режисерот Емир Кустурица, додека рускиот патријарх Кирил го одликуваше со Орден на Свети Серафим Саровски.
Точно на полноќ пред црквата Свети Сава во Меќавник беше прославен 70-тиот роденден на Емир Кустурица, пренесува Спутник.
Покрај честитката на Владимир Путин, на Кустурица му беше врачен и подарок – керамички барелјеф наречен „Прозорец на исток“.
И патријархот московски и на цела Русија Кирил му го честиташе роденденот на Кустурица и го одликуваше со орденот Свети Серафим Саровски од 1 степен.
Пред насобраните гласно беше прочитана честитката на Путин.
„Почитуван господине Кустурица! Срдечно ви го честитам седумдесеттиот роденден. Човек со храбри, повеќестрани таленти, вистински уметник – со право ја стекнавте славата на еден од најпознатите филмски режисери на нашето време, се етаблиравте како баран актер, музичар и писател, автор на нешаблонски креативни проекти. Со вашите талентирани дела испишавте блескава страница во историјата на светската уметност. Особено би ја истакнал вашата активна социјална позиција и огромен придонес во реализацијата на значајните иницијативи насочени кон зајакнување на довербата и меѓусебното разбирање меѓу народите. Ви посакувам здравје, инспирација и нови успеси“, се вели во честитката потпишана од Владимир Путин.
Подарокот „Прозорец на исток“ на Кустурица му го врачи директорот на Рускиот дом Евгеније Баранов, а на подарокот пишуваше „Подарок на Емир Кустурица од Рускиот дом во Белград и Руската амбасада во Србија“.
Кустурица рече дека нема доволно зборови да го искаже она што го чувствува.
„Ви благодарам многу и мислам дека ова е сродство на нашите души и нашите култури и ние треба да работиме за да ги одржуваме овие култури живи. Поради оваа причина, наскоро од овој мој мал рај заминувам за Москва за да работам на филмот за Достоевски. Сето ова што се случува во светот и во Европа, Фјодор Михајлович го предвиде и ни рече дека мора повеќе да размислуваме, да се држиме заедно и повеќе да ги поврзуваме нашите култури. Ќе направам сè што е во моја моќ за нашите две култури да станат уште поблиски. Ви благодарам“, порачал режисерот.
Кустурица додал дека лично ќе му се заблагодари на Путин кога ќе го види во живо.
Во честитката на патријархот Кирил се прецизира дека Кустурица е награден за придонес во зачувувањето на традиционалните вредности.