Преговорите меѓу Русија и Украина, што се одржуваат во Истанбул, претставуваат прв обид за директна дипломатија по повеќе од 3 години целосна војна. Иако постоеше надеж за присуство на врвни лидери како Владимир Путин и Доналд Трамп, двајцата не се појавија.
Разговорите сепак се одвиваат со посредство на Турција во палатата Долмабахче, а нивното одржување само по себе се смета за дипломатски чекор, иако многумина се скептични околу можниот исход, имајќи ги предвид претходните неуспешни обиди.
Што беше причината за започнување директни преговори?
Предлогот за преговори дојде од Путин, кој минатиот викенд најави дека ќе испрати делегација во Турција. Истовремено, Трамп ја поддржа иницијативата. Русите пристигнаа во Истанбул и во четвртокот изјавија дека се подготвени за разговор.
Украинските и руските преговарачи беа подготвени да се сретнат во петок на првите директни мировни разговори меѓу двете земји од почетокот на војната, по неколку дена конфузија и театар.
Какви се изгледите?
И самите странски лидери, како претседателот Трамп кој ги поддржа преговорите, не очекуваат дека тие ќе донесат значајни резултати. Но, самата средба претставува победа за рускиот претседател Владимир Путин, кој одби да се согласи на прекин на огнот на бојното поле што Украина и речиси сите нејзини западни поддржувачи го бараа како предуслов за разговори, се наведува во анализата на Њујорк тајмс.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, и самиот изјави дека не очекува многу од разговорите. Според него, директна средба меѓу Трамп и Путин е единствениот реален пат кон договор. Украинската страна бара 30-дневен прекин на огнот како предуслов за понатамошни разговори, додека Москва инсистира на преговори без предуслови.
Ситуацијата стави притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се обиде лично да го убеди Путин да дојде во Турција на разговори, а се обиде да го доведе и Трамп. Зеленски на крајот сепак испрати делегација, предводена од министерот за одбрана Рустем Умјеров, велејќи дека тоа го прави од почит кон Трамп и кон турскиот претседател Ердоган.
Турција продолжува да се позиционира како медијатор. Таа има отворени канали со двете страни: од една страна, не се приклучи на западните санкции против Москва и има силни трговски врски со Русија, а од друга страна, пак, ѝ доставува оружје на Украина и не ги признава анектираните територии.
Со назначувањето на своја делегација, Русија ја отфрли можноста за разговор на највисоко ниво. Руската делегација ја предводи претседателскиот советник Владимир Медински, поранешен министер за култура и контроверзен автор на учебници по историја. Покрај него, делегацијата ја сочинуваат и високи функционери од Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи и разузнавачките служби.
Путин го сака вниманието на Трамп
Во американско-руските контакти претходно годинава, Москва, според американски извори, изнесувала нереални барања, вклучително и територии што сѐ уште се под контрола на Киев. Тоа отвора сомнеж дека Путин можеби сака да го убеди Трамп дека Украина е пречка за мир, надевајќи се дека Вашингтон ќе се повлече или ќе притисне за договор што ѝ одговара на Москва.
Во поширока смисла, според некои аналитичари, преговорите изгледаат како обид на Путин да ја задржи вниманието на Трамп, кој ветува нова ера на топли односи со Вашингтон, и да го убеди американскиот претседател да не ја саботира потрагата по мир.
Но, Путин и понатаму се стреми кон капитулација на Украина, и на бојното поле и на преговарачката маса, по повеќе од 3 години целосна војна што стана клучен дел од неговото владеење.
Во разговорите со администрацијата на Трамп претходно годинава, руските претставници поставиле, според американските преговарачи, нереални барања – вклучително и барање за територии кои сѐ уште се под контрола на Украина во четирите региони кои Москва тврди дека ги анектирала.
Скептиците велат дека Путин би можел да ги користи овие разговори од средно ниво за да го убеди Трамп дека Украинците се препрека за мирот – со надеж дека американскиот претседател ќе се дистанцира од Киев, но ќе продолжи со зближувањето со Москва – или ќе ја притисне Украина да прифати неповолен договор што ѝ одговара на Кремљ, се наведува во анализата на Њујорк тајмс.
Путин е обвинет за несериозност
Разговорите, кои беа најавени за четврток, беа одложувани поради несогласувања за составот на делегациите. Турските власти објавија дека ќе се одржат трилатерални средби – Украина-САД-Турција и Русија-Украина-Турција – додека форматот САД-Русија-Украина-Турција сѐ уште не е потврден. Трамп не дојде во Турција, откако Путин објави дека нема да присуствува.
Во меѓувреме, критиките на сметка на Путин стануваат сѐ погласни. Германија и Велика Британија го обвинуваат за несериозност и одбивање на мир. ЕУ подготвува нов пакет санкции, но засега не е јасно какви конкретни мерки ќе следат.