Тврдењата на Доналд Трамп дека сака да стави крај на украинскиот конфликт го заслужуваат вниманието на Москва, изјави рускиот претседател Владимир Путин пред новинарите во четвртокот.
Поранешниот американски претседател го обвини актуелниот шеф на САД, Џо Бајден, дека дозволил да се разгорат непријателствата меѓу Русија и Украина во 2022 година.
Трамп во многу наврати тврдеше дека тоа немаше да се случи доколку тој беше во функција, и дека, доколку биде избран повторно на изборите во ноември, би можел да ги прекине борбите за 24 часа.
– Забелешките што Трамп ги даде во својство на кандидат, дека сака да ја запре војната во Украина, ги сфаќаме доста сериозно – рече Путин за време на прес-конференцијата во Астана, Казахстан.
Тој додаде:
– Сигурно не знам каков би бил неговиот предлог и како планира да го постигне тоа. И тоа е клучното прашање. Но, не се сомневам во неговата искреност и ние го поздравуваме тоа чувство – додаде рускиот лидер.
Путин, исто така, се огради од претседателската дебата во САД минатата недела, во која Бајден не успеа да се претстави добро, што ги зголеми притисоците кај Демократската партија во САД да бараат можна замена за Бајден во трката.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски го предизвика Трамп јавно да ги објави своите планови за решавање на кризата, или барем да ги сподели со владата во Киев.
– Ако има ризици за независноста на Украина, ако ја изгубиме државноста – сакаме да бидеме подготвени за тоа, сакаме да знаеме – рече украинскиот лидер во интервју за Блумберг.