Борбените авиони Ф-16 што Западот ќе му ги достави на Киев само ќе го „продолжат конфликтот“ во Украина, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин. „Ќе испорачаат Ф-16. Дали тоа ќе промени нешто? Мислам дека не. Тоа само ќе го продолжи конфликтот“, рече Путин на економски форум во Владивосток, на рускиот Далечен Исток.
Путин изрази задоволство од фактот што 270.000 Руси доброволно се приклучиле „во последните шест или седум месеци“ во редовите на армијата и волонтерските формации кои се борат во Украина, покрај 300.000 војници мобилизирани минатата година.
„Направивме делумна мобилизација и беа регрутирани 300.000 луѓе. И во последните шест-седум месеци, 270.000 луѓе доброволно потпишаа договори за да служат во вооружените сили и волонтерските единици“, рече Путин.
Рускиот претседател додаде дека секој ден во редовите на руските сили се додаваат од 1.000 до 1.500 луѓе.