Израелската полиција објави дека „неутрализирала“ тројца напаѓачи по „престрелка“ на контролниот пункт што го поврзува Ерусалим со окупираниот Западен Брег.
Израелската служба за итни случаи соопшти дека четири лица се ранети, а еден маж е во критична состојба.
Новинар на агенцијата Франс прес слушна пукање од автоматско оружје на тој контролен пункт.
Сите ранети се припадници на безбедносните служби. Израелската полиција соопшти дека „тројца терористи пристигнале со автомобил од Западниот Брег и дека пукале во безбедносните сили“.
Нападот се случи на 41-от ден од војната меѓу Израел и исламската екстремистичка група Хамас, која владее со Појасот Газа.
На Западниот Брег, кој е под израелска окупација од 1967 година, повеќе од 190 Палестинци се убиени од израелски војници и еврејски доселеници од почетокот на војната, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Воените рации се чести на територијата како одговор на „значајното зголемување на терористичките напади со повеќе од 550 обиди за напади од почетокот на војната“, соопшти израелската војска.