22-годишен маж е уапсен под сомнение дека пукал на присутните на погребната миса пред црква во Лондон во саботата, при што биле повредени шест лица, меѓу кои две деца, соопшти полицијата во понеделникот.Мажот пукал од автомобил во движење, според податоците од првата истрага, по погребната миса за мајката и ќерката кои починаа во ноември. Луѓето се собраа пред црквата Свети Алојсиј во Еустон, централен Лондон, по мисата кога се случи пукањето.
Меѓу шестмината ранети има и седумгодишно девојче кое во понеделникот се уште беше во болница во тешка, но стабилна состојба.
Мажот е уапсен во неделата и приведен под сомнение за обид за убиство.
Свештеникот Џереми Труд рече дека служел миса за Сара Санчез (20) и нејзината мајка Фресија Калдерон (50), која почина во ноември во рок од еден месец, првата од леукемија, втората од тромбоза, по враќањето од патување во Колумбија.
На мисата имало повеќе од 300 луѓе, а кога завршила се слушнал „силен истрел“, изјавил свештеникот за Би-Би-Си.
Дејли Телеграф пишува дека поранешниот сопруг на Фресија Калдерон, Карлос Артуро Санчез-Коронадо, таткото на Сара Санчез, бил затворен во Велика Британија во 2009 година, откако бил прогласен за виновен за перење пари за лондонска нарко банда поврзана со познатиот колумбиски картел Кали.
Во акциите против таа банда, полицијата запленила милиони фунти во кеш, кокаин и марихуана во вредност од околу 100 милиони фунти (112,9 милиони евра).