Килијан Мбапе се раздели со Пари Сен Жермен и по ЕП ќе биде подготвен за нови предизвици во Реал Мадрид.
Сагата околу неговиот трансфер во шпанската престолнина траеше две години, а веќе во февруари тој најави дека наскоро ќе пристигне во Реал Мадрид. Насер ал-Хелаифи го задржа пред две години со еден од најголемите договори во историјата на фудбалот, но не овојпат.
Во Париз заработуваше околу 6 милиони евра бруто месечно (2,7 милиони нето), а бонус од 180 милиони евра само за потпишување на договорот и дополнителни 70 милиони на крајот од секоја година од договорот, што требаше да траат три години.
После две години можеше да замине бесплатно, а таа опција реши да ја искористи, што го налути претседателот на клубот кој не сакаше да му ги плати последните 70 милиони евра. Мбапе моментално е на тренинзи со триколорите каде се подготвува за претстојното Евро.
„Кога му кажав на претседателот дека ќе заминам на крајот на сезоната, ми се заканија, и тоа на сила, дека нема да играм за ПСЖ до крајот на сезоната. Ме спасија тренерот Луис Енрике и спортскиот директор Луис Кампос. Да не беа тие, никогаш повеќе немаше да стапнам на теренот“, изјави Мбапе.
Одговор стигна од клубот. Додуша, неофицијално, но за угледниот АФП, кој вака цитира „сигурни извори од клубот“:
„Мбапе нема апсолутно никаква класа. Насер ал-Хелаифи никогаш не дал никому ни најмала наредба поврзана со тимот. Луис Енрике го потврди ова, но и покрај се, штом Мбапе нешто каже, сите го третираат како вистина. Во свое време сè ќе биде откриено, целата вистина. Засега ќе го задржиме нашето достоинство и професионализам за доброто на ПСЖ, Париз, Франција и навивачите“.