More

    ПРВО АГРЕСИВНО НАМАЛУВАЊЕ НА КАМАТНАТА СТАПКА НА ФЕД ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ

    spot_img

    Откако челниците на Федералните резерви на САД (ФЕД), по дводневна седница, донесоа значајна одлука да ја намалат каматната стапка за 0,5 процентни поени, нешто што се счлучува за првпат по четири години, економските аналитичари предвидуваат сериозни импликации за глобалните финансиски пазари и врз инфлацијата.

    Се очекуваше ФЕД да ги намали каматните стапки по повеќе од една година држејќи ги на највисоко ниво во последните две децении, но трговците и прогнозерите беа поделени околу тоа колку агресивно ќе биде првото намалување. Одлуката ја намалува стапката на федералните фондови на опсег помеѓу 4,75% и5%, што се смета за агресивно.

    Економијата на САД е добра, инфлацијата се намалува

    Од ФЕД посочија дека инфлацијата постепено се намалува кон целното ниво од 2%о и оценуваат дека ризиците за нивните цели сега се поврзани со пазарот на труд и урамнотежената инфлација.

    „Ние бараме да постигнеме стабилност на цените без да предизвикаме болен пораст на невработеноста. Овој потег ја покажува нашата посветеност за постигнување на таа цел“, рече претседателот на ФЕД, Џером Пауел, додавајќи дека состојбата во економијата е добра, дека таа расте, а инфлацијата се намалува.

    Во моментов, Пауел не гледа ништо во економијата што би укажало на можност за рецесија, но не очекува и дека ќе се вратат времињата на „евтини пари“, кога некои централни банки дури воведоа негативни каматни стапки со цел да го стимулира економскиот раст.

    Влијание врз берзите

    Намалувањето на каматните стапки традиционално се смета за позитивен поттик за акциите. Поевтинувањето на кредитите ги охрабрува компаниите да инвестираат и да се шират, што ги прави акциите поатрактивни за инвеститорите. Берзите веќе реагираа позитивно, со значително зголемување на индексите како што се Dow Jones и S&P 500.

    Со намалување на каматните стапки, приносите од обврзниците се намалуваат. Тоа ги принудува инвеститорите да бараат повисоки приноси во поризични инвестиции, како што се акциите. Намалувањето на приносите кај обврзниците исто така може да го стимулира растот на корпоративните задолжувања, со што компаниите добиваат поевтини кредити за нови проекти.

    Инфлацијата под контрола, но…

    Бидејќи американскиот долар е доминантна валута во глобалната трговија и финансии, намалувањето на каматната стапка има сериозни импликации врз другите земји. Валутите како еврото и јенот може да зајакнат во однос на доларот, додека земјите со висока задолженост во долари ќе добијат олеснување во своите отплати.

    Една од главните цели на намалувањето на каматните стапки е да се стимулира економскиот раст. Меѓутоа, овој чекор може да предизвика и зголемување на инфлацијата, бидејќи поевтинувањето на кредитите обично води до зголемување на побарувачката за стоки и услуги. Иако инфлацијата е сè уште под контрола во САД, другите земји може да се соочат со дополнителни инфлациски притисоци.

    Златото никогаш поскапо

    Цената на златото се искачи на рекордно високо ниво, спротивно на очекувањата. Тоа поскапе за 0,8%, до сега највисоко ниво од 2.590,13 долари во Њујорк.

    Цените на златото и претходно растеа за повеќе од 25%, достигнувајќи рекордни височини.

    Оживување на пазарот на недвижности

    Пазарот на недвижности, кој беше сериозно погоден од високите каматни стапки, би можел да забележи оживување. Поевтините кредити за домови ќе им помогнат на потенцијалните купувачи да влезат на пазарот, што ќе ја зголеми побарувачката и би можело да спречи понатамошен пад на цените на недвижностите.

    Иако намалувањето на каматните стапки е наменето за избегнување рецесија, некои економисти предупредуваат дека предвременото намалување може да биде ризично. Доколку глобалните економии не реагираат како што се очекува, постои можност за зголемена нестабилност на пазарит.

    Ефектот врз Европа и врз другите региони

    Европските берзи, како и претходно, реагираат позитивно на намалувањето на каматните стапки во САД. Пониските камати во САД обично водат до зголемена побарувачка за европските акции и други средства, бидејќи инвеститорите бараат повисоки приноси.

    Земјите во развој, особено оние кои се потпираат на странски инвестиции, би можеле да добијат значајни приливи на капитал поради префрлањето на инвеститорите кон ризични пазари. Сепак, ова носи ризик од раст на инфлацијата, што ќе бара внимателни мерки од централните банки на тие земји.

    Намалувањето на каматните стапки ќе го направи задолжувањето поевтино и за државите и за корпорациите. Ова може да доведе до зголемување на долговите, што би можело да претставува ризик во случај на понатамошни економски потреси во иднина.

    Очекувања и ризици

    Очекувањата се дека ФЕД ќе продолжи со дополнителни намалувања на каматните стапки доколку економските услови не се подобрат. Ова би можело да создаде дополнителни прилики за раст, но и ризици ако намалувањата не ги постигнат посакуваните резултати.

    Од овие причини, намалувањето на каматната стапка од страна на ФЕД има комплексни и далекусежни ефекти на глобално ниво.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img