Првите штети веќе се направени, осигурителни компании одбиваат да ги осигураат нивите

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Земјоделците се оставени на милост и немилост на временските услови откако Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека го запира авионското засејување на облаците поради дефицит на репроматеријали кои не може да ги набави поради војната во Украина.

Земјоделските здруженија се загрижени бидејќи веќе се регистрирани првите штети од град. Старите градобијни системи веќе со години не работат, а осигурителните компании поради високиот ризик одбегнуваат да потпишуваат договори за осигурување на земјоделско производство и на секој начин се штитат од покривање на штетите.

– Оставени сме на милост на климата. Засејувањето на облаците, поради војната во Украина не може да функционира бидејќи таму се произведуваат елементите кои се користат за разбивање на градот. Не може да сметаме ниту на стариот градобиен систем бидејќи од 2008 година се откажавме од него по барање на ЕУ за да се дозволат ниски прелети над земјава. Тоа значи дека ризикот да претрпиме штета од наредно невреме и град се големи – вели претседателот на Здружението на овоштари Љубе Пампулески.

Според него, проблем е и тоа што најавениот систем на задолжителен осигурителен пулт на земјоделците не профункционирал за да можат да имаат некаква сигурност, а интересот за осигурување кај земјоделците се намалува поради непокриени штети и други проблеми со осигурувањето.

– Во Преспанскиот регион и во Охридско веќе имавме невреме со град кое направи штета кои треба да се покријат од општините или државата и осигурителните компании. Вчера имаше невреме со град во охридскиот регион, а се очекува невреме и во наредниот период што дополнително ќе го намали производството на овошките кои годинава помалку родија поради раниот мраз, а температурните разлики и дождот влијаат и на различни зарази. Тоа го носат климатските промени кои не очекувавме толку брзо да се случат. Дополнително, сѐ помалку осигурителни компании, годинава се сведовме на 2 до 3, потпишуваат договори за осигурување во овошниот сектор поради големите ризици. Но состојбата е иста и кај другите култури. И земјоделците од своја страна се песимистички настроени кон осигурувањето бидејќи во изминатиот период не можеа да ги наплатат полисите за штетите од осигурителните компании – вели тој.

Пампулески очекува за овие прашања да се разговара на состанокот што здруженијата го бараат од министерот за земјоделство и да се изнајдат соодветни решенија додека не се нормализира состојбата со заштитата од невреме со засејување на облаците.

Дел од земјоделците лани и годинава бараа да се вратат старите градобијни системи за да се намалат штетите, но не добија одговор од надлежните.

– Лани официјално по високите штети во Тиквешко побаравме да се вратат градобијните системи, но не добивме никаков одговор. Годинава состојбата е уште полоша, бидејќи веќе кажаа дека нема да ги засејуваат облаците, па можноста да ни се сотре родот е поголема од кога било. Затоа и годинава го актуелизираме истото барање за враќање на старите градобијни системи. Што ќе кажат годинава не знаеме, ама времето не чека. Тоа удира кога ќе посака – вели земјоделец.
Земјоделците се незадоволни и од исплатата на штетите кои им ја ветуваат државата и општините. Се жалат дека со години чекаат на парите со кои треба да го организираат наредното производство.

– И лани имаше град. Ни рекоа пријавете штета во општината. Го сторив тоа. Помина комисијата, процени и си замина. Уште чекам да ми се плати законскиот дел од штетата – вели земјоделец.

- Advertisement -
Ad image

Дел од земјоделците самите се справуваат со климатските непогоди со поставување сигурносни мрежи, но овој трошок за поголемиот дел од нив е висок бидејќи речиси да не можат да го покријат со пласманот на производите.

Плусинфо праша во Министерството за земјоделство какви мерки сега се планираат бидејќи земјоделските посеви подолг период нема да бидат заштитени од град, но не доби одговор.

УХМР неодамна соопшти дека авионското засејување на облаците кое се спроведуваше од 2020 година, нема да продолжи зашто не може да обезбеди потребни реагенси.

- Advertisement -
Ad image

– Ги известуваме земјоделците и пошироката јавност во Република Северна Македонија дека по три години успешно користење на мерката за авионско засејување на облаците, оваа година и покрај напорите на Управата, сепак мерката нема да продолжи. Авионското засејување на облаците беше ефикасна метода која успешно се спроведуваше од 2020 година, со што во повеќе наврати успешно беа спречени штети од град врз земјоделските посеви низ целата територија. За жал, војната во Украина предизвика големо нарушување на светскиот пазар на една од компонентите која е составен дел на реагенсот, која се користи исто така и во ракетните горива. Поради тоа, ваквите реагенси се дефицитарни и тешко достапни – објаснија од Управата.

Оттаму додаваат дека спровеле постапка за јавна набавка, но за разлика од минатите години, овој пат на повикот не се пријавил ниту еден економски оператор.

Лани само во првите три месеци државата на земјоделците на име на штети им исплатила околу 4,5 милиони евра, додека осигурителните компании 400.000 евра, а од 11 компании само 4 нуделе осигурување на земјоделско осигурување.

Земјоделското осигурување ги покрива ризиците на кои се изложени посевите и плодовите – пожар, град и удар од гром. Доколку се плати дополнителна премија, покритието може да се прошири и за поплава и за пролетен мраз.

Share This Article