Во три мандати бил претседател на Собранието на Македонија, бил сведок на формирањето независна држава, на атентатот на Киро Глигоров. Тој беше виден политички чинител познат од првите денови на независноста. Стојан Андов почина денеска на 88 години.
Зад себе остави стручни книги, мемоари, роман и богата кариера во политиката. Тој е меѓу најмаркантните лица од раните денови на македонскиот парламент, познат по своите изјави. Истовремено, познат беше како политичар со меѓународна репутација од времето на СФРЈ ориентиран кон пазарната економија, искусен и успешен политички преговарач во современиот домашен политички амбиент.
Некои го знаат и како лидер на ЛП, подоцна ЛДП, Либералната партија на Македонија, која беше актуелна во 1990тите години.
Роден е во Кавадарци на 30 ноември 1935 година.
Основно образование и гимназија завршил во родниот град, а дипломирал на Економскиот факултет во Скопје и магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград во 1972 година. Бил секретар на Средношколскиот и на Општинскиот комитет на Народната младина, професор во Гимназијата со економски паралелки „Ј. Б. Тито“ од 1959 до 1963 година и во Работничкиот универзитет „Моша Пијаде“ во Кавадарци.
Работел во Земјоделскиот комбинат „Тиквеш“ во Кавадарци од 1963 до 1964 година, каде што бил секретар на Основната организација на СКМ и директор на Аналитичко-планскиот сектор. Потоа заминал на работа како професор во Политичката школа на ЦК на СКМ во Скопје (1964-1965) и советник во Извршниот совет на Собранието на СРМ (1965-1967).
Бил претседател на Собранието на Општината Кавадарци од 1967 до 1970 година, а потоа претседател на Републичкиот центар за идеолошко-политичко образование и студии во Скопје од 1970 до 1971 година и член на Секретаријатот на ЦК на СКМ.
Бил избиран и на разни републички и сојузни општествено-политички функции во СКМ, меѓу кои и три мандати бил член на Сојузниот извршен совет во Белград од 1971 до 1982 година, претседател на Сојузната комисија за економска соработка со земјите во развој, претседател на Меѓурепубличкиот комитет за девизен и надворешно-трговски систем, претседател на дел од Југословенскиот мешовит комитет за соработка со Египет, Либија, Тунис, Турција и Франција (1971-1982), претседател на Комисијата за координација на соработката со Европската економска заедница и земјите на ЕФТА (1978-1982), потпретседател на Извршниот совет на Собранието на СРМ (1982-1986)…
Андов беше познат и како основач на Либерлната партија на Македонија. Тоа се случува во 1990 година откако претходно на 15 август Претседателот на Сојузот на реформските сили на Југославија го назначи за главен координатор во формирањето на Сојузот на реформските сили на Македонија на 15 август 1990 година.
На 16 октомври истата година се формира партијата Реформски сили – Либерална партија на Македонија, останувајќи нејзин претседател до спојувањето со Демократската партија (ДП, 19 април 1997), кога е избран за претседател на Советот на новоформираната Либерално-демократска партија (ЛДП, регистрирана на 12 јуни 1997).
На првите повеќепартиски избори е избран за пратеник, а подоцна и на сите наредни избори во Македонија.
Трите мандати во кои Андов беше прв човек на Собранието беа од 8 јануари 1991 – 19 ноември 1994, потоа од 19 ноември 1994 до 6 март 1996, односно до раскинот на коалицијата Сојуз за Македонија и од 30 ноември 2000 до 3 октомври 2002.
Андов имал и амбиција да биде претседател на Македонија. На изборите од 31 октомври 1999 година бил кандидат на ЛДП за претседател на Република Македонија, но не се квалификувал за вториот изборен круг.
Тој неколку месеци ја извршуваше функцијата претседател на Македонија по атентатот на претседателот Киро Глигоров во 1995 година. Атентатот се случи на 3 октомври 1995 година. Години подоцна Андов ја напиша книгата „До атенатот и по него“ со сведоштва за до денес неразрешениот атентат кој го обележа политичкото време од раните 1990ти.
По тужбата од Љубомир Фрчковски судот ја забрани продажбата на книгата. Како што стои во решението од судот насловот имплицира вмешаност на Фрчкоски во атентатот на Глигоров поради повреда на личните права на тужителот.
По изборот за пратеник во 1998 година Андов бил претседател на Комисијата за монетарна, кредитна и банкарска политика.
По обновувањето на Либералната партија во 1999 година, бил избран за член на нејзиниот Извршен комитет. Повторно бил избран за претседател на Седмиот (Вонреден) конгрес на ЛП (јуни 2001) и потоа пак реизбран на Осмиот Конгрес на ЛП (јули 2004).
Освен тоа, како пратеник, бил и претседател на Постојаната анкетна комисија за човековите права и слободи на граѓаните од 2002 до 2006 година и претседател на собраниската Комисија за уставни прашања од 2006 година.
Андов се занимаваше и со теоретски прашања од областа на економијата, со публицистика и со книжевност. Автор е на повеќе книги од областа на економскиот и политичкиот систем, како и од областа на книжевноста.
- Располагање и управљање друштвеним капиталом, Београд, 1985 (второ издание 1987);
- На мој начин, Скопје, 2003 (сеќавања);
- Од мој агол, Скопје, 2004 (колумни од весници 1997–2004);
- Стравот и љубовта, Скопје, 2005 (роман, второ издание 2006)
- Кицо американецот, 2008
- Јосип Броз Тито и распаѓањето на Југославија, 2013
- Приказната на Марија, 2014
- Драматичната 1991 година, 2015
- 1992 – година на опасни предизвици, 2016
- Успеси и заговори – 1993 година, 2017
- Моите патувања, 2018
- До атентатот и по него, 2018