Првиот пациент со пресаден црн дроб ја напушти болницата

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

По три недели поминати во болница, пациентот на кој му беше направена првата трансплантација на црн дроб од починат донор, денес заминува од Клиниката за Дигестивна хирургија во добра состојба, со здрав орган и со шанса за нов живот.

– Среќен сум што сум денес овде со вас и со моите колеги со кои ја направивме првата трансплантација на црн дроб во земјава и еве по три недели го испративме пациентот дома во добра здравствена состојба со функционален орган и со шанса да има нормален и квалитетен живот. Морам да признаам дека не беше лесно да се дојде до ова. Работевме многу, вложивме многу и еве успеавме сите заедно да отвориме едно ново поглавје не само во полето на дигестивната хирургија туку и во македонското здравство. Горд сум на мојот тим лекари и медицински сестри како и на соработката која ја имавме со останатите тимови вклучени во трансплантацијата, на соработката со Националниот координатор за трансплантација и со Министерството за здравство. На крајот сакам јавно да се заблагодарам на семејството на донорот. Без нивната хуманост немаше да имаме здрав пациент кој денес заминува дома и да го направиме овој успех во здравството – вели проф. д-р Зоран Караџов, директор на Клиниката за Дигестивна хирургија и координатор за трансплантација на оваа клиника.

Првата трансплантација на црн дроб се случи на 24 ноември кога семејството на жена кај која беше дијагностицирана и потврдена мозочна смрт даде согласност да се донираат органите и приотоа да се спасат неколку животи. Покрај црн дроб се трансплантираа и два бубрега.

– Пациентот кој го прими органот е 60 годишен пациент со напредната болест на црниот дроб за кој практично не постоеше друг начин да му се спаси животот. Денес истиот тој пациент заминува дома со нов орган и нова шанса за живот и тоа е убавината на трансплантацијата и на органодонорството. За мене како хирург и за моите колеги, беше предизвик да се започне оваа приказна. Двонеделниот престој во центарот за трансплантација во КБЦ Меркур во Загреб, соработката со тимот на Клиниката за дигестивна хирургија и со сите останати тимови, амбицијата и желбата да се влезе во оваа приказна и да се биде дел од Програмата за трансплантација, беше тоа што не водеше кон овој успех – вели проф. д-р Светозар Антовиќ, кој е дел од тимот кој ја направи првата трансплантација и воедно шеф на катедрата по хирургија при УКИМ.
Инаку, во тимот кој ја направи првата трансплантација покрај проф. д-р Зоран Караџов и проф. д-р Светозар Антовиќ учествуваа и науч. сор. д-р Љубомир Огњеновиќ, асс. д-р Ќемаљ Рушити од Клиниката за дигестивна хирургија, како и нивните колеги лекари, клиничкиот фармацевт и медицинските сестри. Тимот анестезиолози од КАРИЛ, кои го водеа реципиентот, предводени од прим. д-р Татјана Спировска. Потоа екипите од Клиниката за гастроентерохепатологија, предводени од проф. д-р Бети Тодоровска, науч. сор. д-р Елена Цуракова Ристевска, кои го подготвија донорот. Да не ги заборавиме и другите екипи кои учествуваа во трансплантацијата, а тоа се екипите од Клиниката за урологија, Клиниката за нефрологија, Клиниката за трансфузиологија, и секако, болничките координатори, кои го процесираат пациентот во мозочна смрт, предводени од доц. д-р Маја Мојсова Мијовска, д-р Билјана Андоновска, како и медицинските сестри, инструментарки, вработените во лабораториите и сите вклучени, кои со заеднички заложби го постигнаа овој огромен успех.

– Со задоволство денес сум тука на Клиниката за дигестивна хирургија, заедно со тимот кој успешно ја изврши првата трансплантација на црн дроб од починат донор во земјава. Ова е историски чекор за македонското здравство, со кој се вброивме меѓу врвните здравствени системи кои успешно работат трансплантација на црн дроб. Честитки до целиот тим кој учествуваше во оваа најкомплексна хируршка интервенција и благодарение на врвниот стручен придонес на комплетниот тим – 60 годишниот пациент денес си заминува дома во добра здравствена состојба – вели министерот д-р Беким Сали.

Ова е шеста трансплантацаија од починат донор од почетокот на годината и прва на црн дроб во историјата на македонското здравство. Заедничката и тимска работа на преку 100 лекари, медицински сестри и админстративен персонал, резултираше, годинава, да се трансплантираат 10 бубрега од починат донор, 2 срца кај тешки пациенти и извршени 10 инплантации на коскени ткива. За последниве две години тоа се вкупно 8 срца, 30 бубрези, 20 коскени ткива и еве сега и првиот црн дроб.

– За мене нема посреќен момент од тој кога пациентот ќе си оди дома. Тогаш сите ја гледаат смислата на органодарителството. Повторно би сакала да се заблагодарам на сите досегашни семејства кои донирале и успеале да спасат живот – вели д-р Маја Мојсова Мијовска, Национален координатор за транспланатција на органи и ткива.

Share This Article