Според договорот меѓу Русија и Украина, првиот брод со жито го напушти пристаништето во Одеса. Бродот „Разони“ исплови преку Црното Море во правец кон Либан, а во наредните денови се очекуваат уште пратки со жито.
Рано наутро првиот брод натоварен со жито го напушти пристаништето во Одеса, јавува Би-Би-Си. Тоа е прва пратка украинско жито од февруари, кога Русија ги блокираше украинските пристаништа. Договорот за заминување беше постигнат минатата недела по посредство на ОН и Турција. Бродот плови под знамето на Сиера Леоне и е наменет за Триполи, Либан. На пат ќе застане во Истанбул каде ќе се изврши увид.
„Денеска Украина заедно со своите партнери направи уште еден чекор за да го спречи гладот во светот“, напиша на Фејсбук украинскиот министер за инфраструктура Александар Кубраков. Во наредните денови се очекуваат и други бродови, меѓу кои и од пристаништата Черноморск и Пивдена, согласно договорот за воспоставениот коридор.
Од средата во Истанбул работи заеднички командно-контролен центар кој го координира извозот на украинско жито преку Црното Море. Во центарот учествуваат претставници на Украина, Русија, Турција и ОН. Нивната главна задача е да го надгледуваат безбедното минување на украинските бродови со жито по утврдените рути и да го контролираат товарот за да спречат транспорт на оружје.
Блокадата предизвика раст на цените
Ризони под знамето на Сиера Леоне е долг 186 метри и широк 25 метри. Неговиот максимален капацитет е 30.000 тони. Руската инвазија на Украина долго време ги попречуваше испораките на жито од земјата, која е еден од најголемите извозници на пченица и други житарки во светот. Ова предизвика страв од глобален недостиг на храна.
Блокадата на пристаништата придонесе за раст на цените, што го направи увозот на храна прескап за некои од најсиромашните земји во светот. Според проценките на ОН, речиси 50 милиони луѓе ширум светот се соочуваат со акутен глад како директен резултат на војната во Украина.