Еден постар маж се наоѓа на одделението за заразни болести во болницата „Сантисима Тринита“ во Каљари, на островот Сардинија, откако беше потврдено дека заболел од колера.
Неговата состојба е стабилна, а бидејќи не отпатувал во странство, започната е истрага за потеклото на инфекцијата. Познатиот италијански експерт за заразни болести Матео Басети смета дека инфекцијата најверојатно потекнува од морска храна. Како што пишува весникот Unione Sarda, мажот ги забележал симптомите на почетокот на месецот, што уште повеќе го отежнува откривањето на точното потекло на инфекцијата.
Во тек се прегледи на сите членови на неговото семејство, без разлика што моментално немаат никакви симптоми, јавува РТС.
Пациентот има гастроинтестинални поплаки. По извесно време поминато на редовното одделение без никакво подобрување, тој е префрлен на инфективното одделение.
„Многу е веројатно оваа инфекција да настанала преку морските плодови, доколку ги јадел сирови, а биле заразени со бактерии. Неопходно е да се каже дека не е пожелно да се јаде сурова морска храна. Добиваме многу стомачни инфекции токму поради тоа што јадеме сирова риба и морски плодови. Мораме секогаш да ги готвиме или пржиме и да ги миеме рацете откако ќе допреме сурова риба или морска храна“, рече Матео Басети, директор на клиниката за инфективни болести Поликлинико Сан Мартино во Џенова.
Пациентот е во изолација, а резултатите од тестот ќе стигнат на 13 јули.
Што е колера и како се лекува?
Колерата е инфекција која се манифестира со дијареа и повраќање, а ја предизвикува бактеријата вибрио колера. Се пренесува орално, директно или индиректно, преку столица или контаминирана храна.
Во потешки случаи се јавува и дехидрација. Оваа бактерија е присутна во водата и може да зарази морска храна, риба итн. Колерата се третира со антибиотици за да се скрати времетраењето на болеста и да се намали ширењето на инфекцијата.