Американското Министерство за одбрана проценува дека околу 80.000 руски војници се убиени или повредени од почетокот на руската сеопфатна „инвазија“ врз Украина пред околу шест месеци, објави американското политичко списание „Форин полиси“, повикувајќи се на изјави на висок претставник на Пентагон.
Кога администрацијата на претседателот Џо Бајден објави нов пакет воена помош од една милијарда долари за Украина (најголемата помош од Вашингтон за Киев од почетокот на војната), американските власти се обидоа да го свртат вниманието на жртвите од војната во редовите на руската армија, истакнувајќи дека тоа е најинтензивниот конфликт во Европа од Втората светска војна, се наведува во извештајот на магазинот подготвен од дописникот на Пентагон, Џек Деч.
Тој го цитира Колин Кал, највисокиот политички функционер во Пентагон, кој рече дека има огромен број на жртви во редовите на руската армија.
– Мислам дека можеме со сигурност да кажеме дека загубите на Русите изнесуваат 70.000 или 80.000 загинати за помалку од шест месеци, истакна Кал.
Таквите процени, како и другите објавени од американската Влада, покажуваат дека изминатиот месец руската армија загубила над 10.000 војници односно откако Киев добил нови ракетни системи од САД, од Велика Британија и од Германија.
И покрај големите загуби во своите редови, тоа не го спречи Кремљ да ги задржи украинските области што ги контролира, дури и кога украинските сили напредуваа во Керсон, изјавија независни експерти за „Форин полиси“.
Магазинот наведува дека украинските власти побарале од САД да им обезбедат ракетни системи способни да погодат руски цели на растојание од речиси 320 километри, заедно со стотици ракети ХИМАРС, но администрацијата на Бајден ја предупреди Украина да не гаѓа цели на руска територија.
Пентагон проценува дека Русија распоредила 120 тактички баталјони составени од околу 100.000 војници во Украина на почетокот на војната.