Во северозападниот дел на Англија каде во понеделникот беа убиени три девојчиња се покренаа масовни протести и судир на демонстрантите од екстремната десница со полицијата. Во синоќешниот хаос на улиците на Саутпорт беа повредени 22 полицајци.
Британскиот премиер Кир Стармер ги осуди инцидентите и рече дека толпата го осквернави мирното бдеење еден ден претходно, кога неколку стотици луѓе се собраа во центарот на Саутпорт да им оддадат почит на загинатите девојчиња, пренесе АП.
Полицијата додаде дека насилна група запалила полициско комбе, а до него биле присутни неколку автомобили на приврзаници на Англиската одбранбена лига, крило на десничарската група, додека нередите биле мотивирани од гласини за идентитетот на уапсениот тинејџер кој е осомничен дека го извршил убиството.
– Имаше многу шпекулации за статусот на 17-годишникот кој е во притвор, а поединци го користат тоа за да создадат хаос на нашите улици – изјави Алекс Гос, помошник началник на полицијата во областа Мерсисајд во која припаѓа и градот Саутпорт кој се наоѓа на 25 километри од Ливерпул.
Полицијата претходно соопшти дека името на осомничениот кое се појави на социјалните мрежи е неточно и дека осомничениот е роден во Британија, спротивно на тврдењата на интернет дека тој е барател на азил.
Здружението на џамиите во регионот на Ливерпул објави коментар, нарекувајќи го нападот на тинејџерот „брутален“ напад врз општеството, кој не е поврзан со исламот.