Стотици здравствени работници од Велика Британија учествуваа во тивка поворка и бдеење пред Даунинг стрит во Лондон за да извршат притисок за итен прекин на огнот во Газа.
Поворката, организирана од „Здравствените работници за Палестина“, започна на Вестминстерскиот мост пред болницата Свети Томас и заврши со говор пред седиштето на британската влада на Даунинг стрит.
Британските здравствени работници се појавија во униформа, носејќи мали ковчези на кои беа испишани имињата на убиените деца.
Демонстрантите носеа палестински знамиња и транспаренти на кои пишуваше „Стоп за геноцидот на Израел во Газа“. Тие извикуваа „прекин на огнот – сега“ и „веруваме дека ќе победиме“.
Тивки поворки истовремено се одржаа во повеќе места во светот, а меѓу другите, вакви протести беа најавени и во Торонто, Куала Лумпур, Сан Диего, Јоханесбург, Париз, Калкута, Белфаст и Даблин.