Поранешната светска тенисерка број еден, Данска, Каролина Вознијацки го одигра последниот меч во кариерата.
По двегодишна пауза, 31-годишната Вознијацки ја победи Германката Анжелик Кербер со 7:5, 6:4 пред домашните навивачи во Копенхаген, во прошталниот натпревар наречен „Слатка Керолајн“.
Ова беше фантастична ноќ, а уште посреќна сум што се простив од дуелот со мојата пријателка“, изјави Вознијацки по настанот на кој во „Кралската арена“ присуствуваа 10.000 навивачи.
„Таа е едноставно голем шампион, но уште поважно, одлична личност надвор од теренот. Таа секогаш има насмевка за секого и е љубезна кон сите“, изјави Кербер.
Вознијацки беше среќна што конечно успеа да го одигра прошталниот меч кој го планираше за 2020 година, но мораше да го одложи поради пандемијата на коронавирус.
Данската тенисерка помина 71 недела на врвот на ВТА ранг-листата, а нејзиниот најголем успех беше освојувањето на Грен слем титулата во Мелбурн во 2018 година.
Со својот сопруг Дејвид Ли, поранешен НБА кошаркар, таа минатата година стана мајка на малата Оливија. Освен мајчинството, друга причина за завршување на кариерата е ревматоидниот артритис.
Веројатно никогаш нема да се ослободам од тоа, но успеав подобро да се прилагодам на болеста“, изјави Вознијацки.