Северна Македонија сака да се приклучи кон ЕУ, а со тоа приклучување секој нејзин граѓанин ќе стане и граѓанин на Унијата, па затоа со новата Влада на Бугарија воспоставивме соработка во области коишто гледаат кон иднината и коишто можат да бидат од корист за граѓаните на двете земји, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски во обраќање на Економскиот форум Делфи во Грција, потенцирајќи дека проширувањето на ЕУ сега е прашање од геостратешка важност.
– Двете нови Влади беа изгласани речиси во исто време, едната пред крајот на минатата година, а едната на почетокот на оваа година, и веднаш започнавме со нов дијалог затоа што претходно повеќе од една година дијалогот меѓу двете држави речиси и да не постоеше и медиумите практично беа исполнети со пропаганда од страна на поединци, од страна на групи коишто не сакаа да видат постигнување на договор. Затоа двете влади воспоставија соработка во области коишто гледаат кон иднината и коишто можат да бидат од корист за сите граѓани на двете земји, како и за засегнатите страни, стопанските комори и други институции, а од друга страна ова дава резултати затоа што има конкретни материјални бенефити, има дијалог меѓу двете министерства за надворешни работи за отворените политички прашања – нагласи Ковачевски.
Во разговорот со новинарот на грчкиот весник „Та Неа“,Михалис Мицос, премиерот се осврна и на пописот во земјата, за кој нагласи дека беше спроведен врз основа на најдобрите европски пракси и вклучуваше експерти од ЕУ.
– Сега резултатите се испратени до Евростат и штом биде одобрен ќе стане дел од статистиката на ЕУ. Секое лице беше слободно да си го каже своето мислење во врска со личните прашања и верувам дека ова е основа врз која што сите во државата може да се чувствуваат слободно по сите прашања и самоопределување. Во минатите години, особено по 2001 докажавме дека Северна Македонија е општество за сите свои граѓани и според Уставот, државата не е само на Македонците, туку и на другите етнички заедници коишто живеат во државата, како и лицата коишто се самоопределуваат поинаку. Овој процес се базира на уставните принципи на државата и тој им дозволува на Црногорците, на Бугарите преку нашите уставни постапки да станат дел од Уставот – додаде Ковачевски.
Премиерот нагласи дека ние веројатно сме една од ретките, а можеби и единствената држава во Европа која што има „Министерство за малцинства“, имаме и закони коишто ги заштитуваат јазиците на помалите етнички заедници и во таа насока се почитуваат и се заштитени сите права на сите луѓе во државата и тоа мошне на високо ниво.
– Северна Македонија сака да се приклучи кон ЕУ, а со тоа приклучување секој граѓанин ќе стане и граѓанин на ЕУ. И ако се потсетиме на последната прес-конференција на претседателот на ЕК во Софија, преговарачката рамка и процедурите и регулативите во ЕУ се полноправни за заштита и за унапредување на правата на сите граѓани во европските држави – додаде Ковачевски.
Тој потенцира и дека регионот на Балканот од секогаш бил сфера на интерес и за Русија, но и за други држави, но ние во земјата имаме јасна цел и согласност меѓу главните политички партии, особено оние коишто се дел од Владата, во врска со нашиот пат кон ЕУ.
– Има поединци, но има и политички партии во Собранието и надвор од него коишто јасно се против ЕУ и против членството во НАТО, па сега зависи од нас и од ЕУ да испорача во поглед на своето ветување, затоа што Северна Македонија донесе една од најбитните одлуки во минатото, а ЕУ не го исполни своето во тој момент. Имаше многу дебати, но немаше реално дејствување, и сметам дека сега е време, затоа што проширувањето не е само прашање на проширување, туку е прашање од геостратешка важност во врска со се што се случува во Украина и во врска со сите хибридни напади и дезинформации коишто се случуваат во регионот, додаде премиерот.
Според него, токму затоа прашање за проширувањето на Унијата треба да се реши што е можно побрзо, прво со взаемен договор помеѓу Северна Македонија и Бугарија, а потоа и со одобрување на преговарачката рамка од страна на ЕУ.
Во однос на расположението на јавното мислење во земјава во врска со пристапувањето кон ЕУ, премиерот Ковачевски нагласи дека е нормално за процес којшто трае речиси 18 години и не е завршен, да создаде разочарување, но дека сепак и сега ЕУ има поддршка помеѓу мнозинството од граѓаните во државата, некаде околу 70 проценти.
– Но, со неиспорачувањето и со не преземањето конкретни чекори, оваа поддршка нормално ќе почне да опаѓа и евроскептицизмот како таков може да стане поголем. Затоа зависи од нас, од носителите на одлуките во Северна Македонија, но и оние во Брисел да истапиме еден чекор понапред и да ги направиме неопходните одлуки, би рекол со сегашното француско претседателство со ЕУ, затоа што не би сакале да се најдеме во ситуација каде што луѓето по автоматизам ќе бидат позитивни кон одредено прашање само затоа што прашањето е тука веќе со децении, а притоа не го чувствуваат како прашање и може да почнат да бараат други алтернативи. Затоа во овој момент е добро што нема друга алтернатива, што ние како Влада ги донесовме сите неопходни одлуки како членки во НАТО во врска со обединувањето, но и како држава која што се надева во иднина членка на ЕУ целосно ја усогласивме нашата надворешна политика со политиките на земјите членки на ЕУ во односите со Русија и конфликтот којшто Русија односно војната која Русија ја почна во Украина – потенцира Ковачевски.
Запрашан дали „војната во Украина може да биде позитивна за Балканот“, премиерот Ковачевски вели дека ниту една војна не може да биде позитивна за никого и никаде.
– Тоа никому нема да му користи. И од таа перспектива би сакал да упатам апел дека оваа војна треба да заврши веднаш, затоа што нема никому да донесе корист. Ако ја гледаме ситуацијата сега во Украина практично гледаме дека Русија не постигна ништо до сега, освен што ја создаде најголемата енергетска криза, најголемата криза со храна во Европа, но и во светот по Втората светска војна – истакна Ковачевски.
Тој нагласи дека земјава останува јасно на својата ориентацијата и став за соработка со нашите сојузници.
– Во понеделник ќе имаме голема НАТО вежба во Скопје која што ќе ја покаже обединетоста, но и подготвеноста на државата. И до сега можам да кажам дека прикажавме дека сме незаменлив партнер на НАТО, не само во поглед на носењето на одлуки, туку и во поглед на помошта која што до сега ја понудивме на Украина и на украинскиот народ. Исто така државата е подготвена да прифати бегалци од Украина и да ги вклучи во општеството. Нашата држава е подготвена да ги прифати и да им понуди живот којшто нема да биде како дом, но би сакале да се чувствуваат како дома во Северна Македонија – истакна Ковачевски.
Тој додаде дека земјава ги споделува вредностите на НАТО и на ЕУ, иако не сме членка на Унијата и ја усогласивме надворешна политика со онаа на ЕУ.
– Санкции коишто се наметнати на Русија не се санкции врз рускиот народ , туку врз рускиот режим којшто ја започна оваа не предизвикана војна врз суверената Украина. Не можам да ги предвидам дејствијата на лидерите во Русија, но на крајот сите ќе бидат во позиција на загуба затоа што економските последици коишто ги гледаме не се само врз рускиот или врз украинскиот народ, туку ги сносат сите луѓе во Европа. Ова се лекции, ова е многу важно за Европа. Европа до сега по Втората светска војна немала битни и големи воени конфликти и затоа треба да се подобрат односите за да не се соочиме повторно со вакви ситуации. Ова е порака и до ЕУ во врска со проширувањето, затоа што колку подобри економски врски и соработка меѓу државите и меѓу Западен Балкан, толку подобро. Тоа ќе значи инвестиција во мирот, во регионот, којшто е неизбежен дел од Европа и без овој дел Европа нема да биде целосна пред другите во светот – потенцира премиерот.
Говорејќи за односите со Грција, премиерот Ковачевски се осврна и на трите меморандуми кои се уште не се ратификувани од страна на грчкиот Парламент, но според него, тоа сепак не може да ги расипе односите помеѓу двете држави.
– Свесни сме за трите меморандуми коишто се уште не се усвоени во грчкиот Парламент, но верувам дека не се од толкаво значење што може да ги расипат добрите односи меѓу Грција и двете држави. Овие три меморандуми се во полето на безбедноста, ЕУ и економскиот развој. Ратификувани се од страна на нашиот Парламент затоа што ние ги препознавме, ја препознавме користа од нејзината содржина и се надевам дека во Парламентот во Грција ќе дојде момент кога пратениците ќе ја сфатат нивната важност и ќе бидат изгласани – подвлече премиерот.