Просечната цена на струјата за домаќинствата од 1 јануари ќе се зголеми за 0,92%, објави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Во првиот блок, како што наведе, зголемувањето е 0,68%, во вториот за 0,9%, во третиот за 1,93%, во четвртиот за 2,24%, додека во евтината тарифа за 0,9%.
Тоа значи, рече Бислимоски, дека едно просечно домаќинство во државата кое има сметка од 2.300 денари, зголемувањето ќе има зголемен трошок од 21 денар.
-Цената за електричната енергија кај домаќинствата се состои од два дела, едниот дел е енергија, другиот дел е мрежарина. Мрежарината за сите блокови е иста и сега изнесува 2,14 денари. За првиот блок цената на енергијата е 4,44 денари, а заедно со мрежарината е 6,58 денари за киловат час, а претходно изнесувала 6,53. Збирната цена за вториот блок е 7,71 денар, а претходно изнесувала 7,64 денари. Цената во третиот блок е 9,57, а претходно изнесувала 9,39 денари. Во четвртиот блок е 20,4 денари, а претходно изнесувала 20 денари. Цената на евтината тарифа изнесува 4,12 денари, а претходно изнесувала 4,08 денари – појасни Бислимоски.
Согласно барањето на ЕВН хоум, цената за домаќинствата, како што рече, требаше да се зголеми за 4,4%.
– Во најголем дел немавме разлики, а единствената разлика која постои меѓу тоа што сега го одобривме и тоа што го достави ЕВН е во однос на факторот на корекција и за да обезбедуваме ценовnа стабилност и цени кои ќе имаат минимално влијание врз вкупните трошоци за електрична енергија на граѓаните постапивме на овој начин. Како што ветивме, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата се зголемува за 0,92% – рече Бислимоски.