Просечната пензија во Германија значително порасна од 2010 година, за речиси 500 евра бруто, покажуваат податоците на Германскиот фонд за пензиско осигурување.
Така, германски државјанин кој минатата година се пензионирал со 35 години стаж добивал во просек по 1.522 евра бруто, не сметајќи ги одбитоците (осигурување за боледување и нега), пишува магазинот Феникс.
Ова е за речиси 500 евра повеќе од 2010 година кога просечната старосна пензија изнесуваше 1.062 евра бруто.
Главна причина за ова зголемување е релативно високото усогласување на пензиите во последните години, изјави портпаролот на фондот за агенцијата ДПА пред состанокот на неговите претставници во среда.
„Овој позитивен развој, исто така, ја покажува силата на законското пензиско осигурување како централен столб на старосното осигурување“, рече актуелниот претседател на собранието на фондот, Рудигер Херман.
Бундесратот, домот на германскиот парламент во кој се претставени сојузните држави, дури минатиот петок го одобри годишното зголемување на пензиите. Од 1 јули старосната пензија ќе биде зголемена за 4,39 отсто на западот на Германија, а за 5,86 отсто на истокот.
Претседателката на германскиот Фонд за пензиско осигурување Гундула Росбах потсети дека од 2010 година пензиите на Запад се зголемени за повеќе од 32 отсто, а на исток за повеќе од 47 отсто. Инфлацијата во тој период, според податоците на Заводот за статистика, изнесува околу 25 отсто.