Мексиканските власти открија тела на 17 мажи во повеќе гробници во јужната држава Чипас во близина на границата со Гватемала, објавија во неделата државните обвинители, јавува Анадолија.
Гробниците беа откриени за време на полициските операции во Ла Конкордија, град зафатен од насилство од ривалски нарко картели.
Државниот обвинител Хорхе Луис Лавен Абарка изјави дека при претресот во изминатите 72 часа, откриле три гробници со три тела во областа Сарагоса во Ла Конкордија.
Во Коста Азул, властите пронајдоа уште осум гробници со 12 машки тела, рече Абрака.
„Исто така, две тајни гробници беа лоцирани на локацијата Нуева Есперанца во Паленке, со остатоци од две машки тела“, рече тој.
Тој додаде дека телата се пренесени во судска медицинска служба за идентификација и утврдување на времето на смртта.
Гувернерот на Чипас, Едуардо Рамирез Агилар вети дека ќе ги интензивира операциите во регионот.
„Го враќаме спокојството и социјалниот мир на овие простори. Нема да направиме чекор назад. Мирот е задача на сите“, порача тој на социјалните мрежи.
Во акцијата уапсени се четворица осомничени, а властите заплениле оружје и дрога. Истрагата е во тек.